Пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон ќе стартува од пол позицијата на неделната трка за Големата награда на Шпанија. Хамилтон на патеката Каталуња, до 64-та пол позиција во кариерата стигна со најбрзиот круг 1:19.149 минути.

Веднаш до Британецот, трката од првиот стартен ред ќе ја започне лидерот во генералниот пласман Себастијан Фетел на Ферари.

Вториот ред го формираа колегите на двајцата најдобри во квалификациите Валтери Ботас и Кими Раиконен, додека од третиот ред трката ќе ја започнат возачите на Ред Бул, Макс Ферстапен и Даниел Рикардо.

Седмото место на стартот ќе го има Фернандо Алонсо на Мекларен. Шпанецот пред домашната публика приреди вистинско изненадување со пласманот меѓу најдобрите десет во квалификациите.

Меѓу најдобрите десет уште се најдоа Серхио Перес (Форс Индија), Фелипе Маса (Вилијамс) и Естебан Окон (Форс Индија).

Трката за Големата награда на Шпанија ќе се вози в недела од 14 часот.

„Макфакс“
OhridNews