Во првата тренинг сесија значајно беше тоа што на првопласираните два тима им требаше повеќе од половина час да излезат од боксовите, чекајќи прашината да ја исчистат другите болиди.
Прв беше Фелипе Маса, а за комплетна доминација на Ферари се погрижи Кими Раиконен кој беше втор. Трет најбрз беше Нико Розберг во Вилијамс. Интересно е тоа што најбрзите времиња не беа поставени на крајот од сесијата туку некаде на средината.
Во втората тренинг сесија Ферари продолжи да доминира. Фелипе Маса повторно беше прв, а Кими Раиконен се најде веднаш зад него. Бразилецот во втората сесија беше скоро една секунда побрз од Раиконен, а неговото време беше поставено во последните секунди од сесијата и изнесуваше 1:31.420.
Мекларен денес ги пополни третото и четвртото место со Хеики Ковалаинен и Луис Хамилтон, но да спомнеме и дека Британецот имаше судир во кој остана неповреден. Контролата над болидот ја изгуби на излезот од седмата кривина, по што удри во заштитната ограда и сериозно ја оштети десната страна на својот МП4-23.