Системот на бодување во новата сезона од Светското првенство во Формула 1 ќе претрпи најголеми промени досега откако шефовите на спортот предложија шема слична на онаа што се применува во Светското првенство во мотоциклизам.
Предлогот предвидува победник на трка да добива дури 25 бодови, 15 повеќе од досега, второто место би носело 20, а третото скалило на подиумот – 15 бодови. За разлика од годинашнава сезона, бодови сега ќе има за првите десетмина возачи, а распределбата од четвртото место натаму би била десет-осум-шест-пет-четири-три-два-еден. Според сегашниот систем, првите осуммина освојуваат десет, осум, шест, пет, четири, три, два, односно еден бод.
Планот за промена на бодовниот систем беше изготвен од Комисијата за Ф-1, во која членуваа најголемите акционери во тимовите, промотери, снабдувачи и спонзори, како и самиот Берни Еклстоун. Минатата сезона, шефот на Формула 1 се обиде да ги замени бодовите со медали за тројца првопласирани, при што шампион би бил возач со најмногу победи, но неговата идеја не наиде на доволно поддржувачи.
Менувањето на бодовниот систем сега се наметна како потребно откако бројот на тимовите за новата сезона беше зголемен од десет на 13.
ФИА вчера требаше да го објави и официјалниот календар за 2010 година, во која на Ф-1 возачите им следуваат две трки повеќе од сезонава, односно ќе се возат рекордни 19 трки. Меѓу нив, потврдено е дебито на Големата награда на Јужна Кореја (17 октомври), чии организатори ветија дека патеката ќе биде завршена до јули, а по едногодишна пауза се враќа омиленото канадско гран при.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com