Екипата на ГРК Охрид ја пречекува денес екипата на РК Струга во рамки на 13-тото коло од Супер лигата. Атмосферата во таборот на Охрид е позитивна. Екипата е комплетна и најавува голема борба за бодовите кои во моментов се од исклучително значење за двата тима.
Се надевам со помош на публиката и наша добра игра дека ќе го добиеме натпреварот и заедно ќе се радуваме со публиката. Кај нив одигравме еден тежок натпревар кој го решивме во наша корист. Се надевам дека така ќе биде и во Охрид, рече Филип Кривокапиќ од ГРК Охрид.
Покрај играчите за дербито се подготвуваат и навивачите. „Рибари“ најавуваат навивачки спектакл и очекуваат победа на своите миленици.
За нас е ова натпревар на сезоната. По пауза од две години поради ситуацијата со Ковид-19 вирусот сега се враќаме на трибините на голема врата, се подготвуваме максимално. Очекуваме победа, истакна Мартин Дојчин еден од водачите на навивачката група „Рибари“.
Натпреварот се игра денес во салата „Билјанини извори“ со почеток во 19:00 часот. Влезот е 100 денари. Дозволено е присуство на гледачи до 50% од вкупниот капацитет на салата. За присуство потребен е сертификат/потврда за извршена имунизација со две дози или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена.
OhridNews