Охридското Езеро е на десетина сантиметри пониско од природниот максимум, но според експертите состојбата не е загрижувачка. Тие укажуваат дека населените крајезерски делови на Охрид и Струга се најмалку еден метар повисоко од максималното ниво на езерото, но состојбата може да се искомпликува доколку продолжат врнежите од дожд и снег. Особено опасно би било доколку се затвори испустот на Дрим за да се подигне нивото на Охридското Езеро како што бара Албанија која деновиве е погодена од силни поплави.
– Таква радикална мерка не може да се примени затоа што тогаш поплави ќе се случат во Македонија, бидејќи состојбата не е таква да може да си дозволиме истекот да биде затворен, вели проф. д-р Здравко Крстаноски од Хидобиолошкиот институт во Охрид.
Проф. д-р Здрвако Крстаноски
Тој укажува дека осцилациите на Охридсото Езеро се природна појава, но состојбата треба внимателно да се следи. Крстаноски објаснува дека нивото на Охридското Езеро сега се приближува кон највисоката кота утврдена со билатералниот договор помеѓу Македонија и Албанија која се наоѓа на 693,75 метри надморска висина, додека урбанизираното крајбрежие во Охрид и Струга е речиси еден метар повисоко. Сепак, вели Крстаноски, во никој случај не смее да се затвори испустот на Дрим, затоа што тоа ќе предизвика несакани последици на македонска територија.