Долгата суша, климатските промени и несоодветното управување со водните ресурси, придонесоа нивото на најголемото природно езеро во земјата да се спушти под минимално дозволената природна граница. Благодарение на врнежите во Новата година сега тоа е пет сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в.), но е далеку од оптимумот.

Сето тоа предизвикува сериозни последици по екосистемот. Во моментов многу од нив се невидливи за човекот, но долгорочно токму луѓето најмногу ќе ги почувствуваат. И покрај драматичните случувања околу нивото на Охридското Езеро, се чини дека надлжните институции на локално и централно ниво, како и науката, не покажуваат доволна грижа за негативните трендови. Доколку на времеските прилики и климатските промени глобално, не може да се влијае, секако локално може да се влијае на ублажување на последиците и пред се на рационално користење на водните ресурси. Но, како тие се штитат и користат во моментов, е се само не рационално.

Охридското Езеро има третман на акумулација

Иако е заштитено со закон како природно богатство и се наоѓа на Листата на УНЕСКО како природна реткост од светско значење, Охридското Езеро со децении се третира како акумулација за производство на електрична енергија во хидроцентралите по течението на реката Дрим. Потребно беше нивото на Езерото да падне под природниот минимум за државата да се откаже од производството на струја со водните ресурси од Охридското Езеро.

Но, она што загрижува е начинот на кој се управува со водните ресурси на Охридското Езеро и како се регулира испустот на водата во реката Црн Дрим. Параметрите според кои се прават пресметките се од пред седум децении согласно тогаш постигнатиот Билатерален договор за управување со водните ресурси на Охридското Езеро, со кој се пропишани минималните и максималните количини вода кои можат да се испуштаат од Езерото и минималните и максимални коти помеѓу кои треба да се движи нивото на Езерото.

Седум децении подоцна ниту климатските услови, ниту хидролошките не се исти како во средината на минатиот век. Притисокот врз Охридското Езеро и надворешните влијанија на човекот исто така. Сето ова не е доволно за научните институции кај нас, пред се Хидробиолошкиот завод и стручните лица и властите од двете страни на Езерото да иницираат стручни дебати за ревизија на Билатералниот договор со што би се променил начинот на управување, заштита и рационално искористивање на водните ресурси на Охридското Езеро. Ова е дотолку потребно, бидејќи климатските промени и хидролошката состојба на водните ресурси во сливот на Охридското Езеро ја наметнуваат таквата потреба.

За обичните граѓани и лаици, пак, глетката од повлеченото Охридско Езеро, случувањата во Преспа и состојбата на локалните реки, е повеќе од јасен индикатор дека нешто многу не е во ред и дека е потребно надлежните институции и науката да преземат итни мерки за заштита на најголемото природно богатство на државата. На тоа недвосмислено укажуваат и резултатите од Анкетата што за сопствени потреби изминатионт период ја реализираше OhridNews. Дури 84% од учесниците во неа одговориле дека е потребна ревизија на Билатералниот договор и прописите за управување и заштита на Охридското Езеро.

Што се штити, интересот на моќни поединци или јавниот интерес?

Зачестените природни осцилации на Охридското Езеро кое губи огромни количества вода загрижуваат. Исто така загрижува и односот кон светското природно наследство и најголемиот басен со питка вода во овој дел од Европа. Во најновиот извештај на УНЕСКО светската експертска јавност остро го критикува односот на властите на централно и локално ниво кон заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот регион, кое е до таа мера уништено, што е неминовно да се стави на Листата на загрозени подрачја на кое итно му е потребна помош но и ревизија на политиките на развој и урбанизација и пред се силни мерки и механизми на заштита. Во спротивно, девастацијата на Охридското Езеро ќе продолжи и многу брзо може да се случи да ја поминеме црвената линија. А кога еднаш таа ќе се помине враќање назад нема, затоа што законите на природата функционираат поинаку.

Или нешто суштински ќе се промени и наместо интересите на моќни поединци пред кои замижуваат килавите и незаинтересирани институции, надлежни служби, инспекции и политиката, ќе почнеме вистински да ги штитиме јавниот интерес и вредностите, или ќе продолжиме со уништување на непроценливото природно богатство задавајќи му нови удари кои не носат поблиску до црвената линија од која враќање нема.

Изговори може да има, но оправдување НЕ.

Горан Момироски

Нова анкета: Дали ќе се вакцинирате против Ковид 19?