Големите осцилации кои се случија во изминатите две години, кога нивото на Охридското Езеро за краток период неколку пати пати осетно се подигна и  се спушти, предизвикаа оштетувања на градскиот кеј.


Со повлекувањето на езерото кое само во изминатите шест месеци опадна речиси за половина метар, на градскиот кеј се забележуваат пукнатини кои доколку не се санираат навреме може да предизвикаат несакани последици, предупредуваат од локалната самоуправа.

– Извршивме увид на лице место. Сметаме дека состојбата е сериозна и дека треба брзо да се реагира дотолку повеќе ако се знае дека доаѓа период на врнежи и повторно полнење на езерото и последиците можат да бидат покатастрофални, изјави Зоран Шикалоски од Одделението за комунален развој при општина Охрид.

Според Шикалоски санацијата на кејот треба да ја изврши државата, бидејќи таа стопанисува со крајбрежјето. Тој очекува Министерството за транспорт и врски брзо да реагира, во спротивно не ја исклучува можноста општината да ги затвори најоштетените делови од кејот.

– Поткопувањето од ден на ден е се поголемо и може да дојде до поголеми опасности и доколку навреме државата не реагира ние ќе бидеме принудени дел од пешачката зона на кејот да ја затвориме, рече Шикалоски.


Од Капетанијата на пристаништата, која е под надлежност на Министерството за транспорт и врски, информираат дека се воочени одредени оштетувања на градското пристаниште кои ќе бидат санирани до крајот на оваа година, додека состојбата на кејот дополнително ќе се согледува.


Езерото го поткопа градскиот кеј

Последен пат сериозни оштетувања на градскиот кеј имаше  во средината на деведесетите години од минатиот век кога по силно невреме беше оштетен дел од шеталиштето, кое потоа комплетно беше санирано.

Горан Момироски