Еврото вчера ослабна на меѓународните пазари во однос на американскиот долар и веројатно ќе остане под истиот притисок имајќи предвид дека инвеститорите се разочарани  и повторно почнаа да ги продаваат италијанските и државните обврзници на другите земји, по минатонеделниот самит на ЕУ кој не ги убеди дека е скоро крајот на двегодишната криза во еврозоната, пренесува „Макфакс“.

Еврото ослаби во однос на американскиот долар за околу еден отсто на 1,.3243 долари. Во однос, пак, на британската фунта се спушти на најниското ниво од март годинава и со него се тргуваше за 84,845 пени, додека спрема швајцарскиот франк не забележа поголеми промени и чинеше 1,2350 франка.

Доларот зајакна и во однос на франкот за речиси еден процент и се тргуваше со него по 93,21 сентими.  Исто така, американската валута беше во позитива и во однос на јапонскиот јен за околу 0,4 отсто и чинеше 77.91 јен.

Еврото е сега речиси 7 отсто послабо во однос на највисокото ниво регистрирано во октомври и околу 11 проценти во споредба со највисоките нивоа во целата 2011 година, од речиси 1.5 долари, колку што досегна во почетокот на мај.

„Се намали оптимизмот спрема еврото по завршувањето на минатонеделниот самит на Европската унија. Инвеститорите бараат посилни реакции, а што е поважно, Европската централна банка одби позначајно да ги интензивира нејзините купувања на државните обврзници“, вели за Реутерс валутниот стратег во швајцарската банка „УБС“, Беат Сиенгенталер.

На пазарите беа евидентирани купувањата на Европската централна банка на италијанските државни обврзници со покуси рокови на отплата, но тоа не беше доволно да ги убеди инвеститорите оти централната банка е подготвена за позначајно да го зголеми купувањето на објавениот седмичен лимит во висина од 20 милијарди евра.

Иако билатералните заеми од Меѓународниот монетарен фонд  за кој на самитот на ЕУ во Брисел во петокот беше договорено да располага со фонд од 200 милијарди евра што ќе го полнат 26-те од 27-те членки на унијата, освен Велика Британија, ќе ги засилат ресурсите овој кредитор да им помогне на паднатите стопанства, спомената сума на фондот уште се смета за недоволна за основните стопанства се заштитат од кризата. Според аналитичарите, уште повеќе се смета дека дури и доколку се стабилизираат приносите на државните обврзници, на Европа најверојатно и’ претстои рецесија. Се смета, исто така, дека седмичнава објава на индексот на менаџерите на набавки би требала да покаже пад на активностите во тамошните сектори на производството и услугите.

OhridNews
извор: „Макфакс“