Во земјите на Европската унија (ЕУ) минатата година има забележителен пораст на онлајн образовните курсеви, па така 30 отсто од корисниците на Интернет во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години следеле онлајн курсеви или користеле онлајн материјали за учење, што е два процентни поени повеќе во однос на 2022 година, покажуваат податоците на Европската агенција за статистика – Евростат.
Од сите членки на Европската унија, Холандија имаше најголем удел (54 проценти) од интернет-корисниците кои се образовани преку Интернет, потоа Финска (53 проценти), Шведска (48 проценти), Шпанија (47 проценти) и Естонија (45 проценти).
За разлика од тие земји, онлајн образованието не беше вообичаено во Романија каде што беа забележани само 10 проценти, Кипар (16 проценти), Бугарија и Грција (по 17 проценти) и Полска (18 проценти).
Севкупно, учеството во онлајн образованието во 2023 година е зголемено во споредба со 2022 година, покажуваат податоците на Евростат.
Процентот на луѓе кои посетуваат курсеви преку Интернет или користат материјали за учење преку Интернет е зголемен во повеќето земји од ЕУ, при што најголем пораст е забележан во Холандија (12 процентни поени), додека падот е забележан во Грција (12 процентни поени), покажуваат податоците на Евростат.
OhridNews