Поради сеуште актуелниот билатерален спор за името, наметнат од Атина, трансграничниот Еврорегион „Охрид – Преспа“, во кој членуваат повеќе општини од пограничните места во Македонија, Албанија и Грција, и по 7 години од формирањето сеуште не може да профункционира. Атина го блокира конституирањето на Еврорегионот кој во 2001 година го иницираше владата на Германија преку Германското друштво за техничка соработка – ГТЗ.

Аница Палацо од ГТЗ, вели дека проблемот се провлекува со години. „Во 2005 година  се најави датумот за официјализирање на Еврорегионот, дури беа поделени и покани, но по признавањето на Македонија од страна на САД под уставно име, формирањето на Еврорегионот беше стопирано“, ни изјави Палацо. Таа посочува дека локалните заедници немаат проблем и соработуваат особено во бизнис секторот, но факт е вели таа, дека формирањето на Еврорегионот во многу зависи од моменталните состојби и расположенија предизвикани од спорот за името. 

Иако локалните заедници од пограничните региони имаат воспоставено одредена  соработка која резултираше со реализиција на два проекти во Охрид и Вевчани, поради официјалниот став на Грција, институциите и општините од оваа земја ги одбегнуваат контактите со македонските колеги, велат од ГТЗ.Формирањето на Еврорегионот Охрид Преспа требаше да им овозможи побрз пристап на општините од пограничните места до европските развојни фондови, преку кои требаше  да се финансираат повеќе заеднички проекти од областа на туризмот, животната средина и инфраструктурата. Но, наместо нови инвестиции, отворање на границите и побрз проток на луѓе и стока, поради  ирационалниот спор наметмнат од Атина општините од Македонија и Албанија доколку не најдат нова форма на соработка лесно можат да останат без очекуваните средства, предупредуваат експертите. Палацо смета дека македонските и албанските општини требало да го искористат позитивниот момент и билатерално да го туркаат проектот кон кој грчките општини би се приклучиле подоцна кога ќе се создадат услови за тоа.

ГТЗ од 2001 до 2006 година ги воспостави основите на Еврорегионот. Од 2006 година наваму  Ист Вест институтот се обидува да го заживее трансграничниот проект.  Од Ист Вест институтот се воздржуваат од коментар, но не кријат дека поради грчко-македонските односи Еврорегионот Охрид Преспа не функционира.

Пред официјалното затворање на канцеларијата на Ист вест институтот наредниот месец, во Македонија ќе допатува директортот на програмата за развој во ЈЕИ Роберт Гарнет кој треба да соопшти дали и како амбициозно најавуваниот трансграничен проект ќе се реализира. Доколку тивкото вето на Грција не биде симнато овој проект тешко ќе може да профункционира сметаат експертите.

OHRIDNEWS