Стоковиот карактер на производството и услугите во доменот на исхраната и голем број услуги сврзани за секојдневните потреби на граѓаните – услов за надминување на проблемите со невработеноста
***
Се додека за себе сами правиме се нашите деца ќе бегаат во странство за да работат она што би можеле и овде

     Европското работно време наметнува европски начин на живот. Како живееле европјаните и сите луѓе од развиениот свет во изминативе децении?
    Тешката борба за опстанок и трката за профит им наметнал начин и темпо на живот кој ние сигурно не би го посакале. Оние кои се бореле за опстанок за да овозможат нешто подобар стандард често морале да работаат на две дури и три работи што би рекле од утро до мрак. Оние кои се бореа за профит, често немаа време да помислат на јадење, а не да приготвуваат сами. Ја немаа таа среќа да уживаат во семеен амбиент чекајќи ја да докрчка сармата и сите во семејството заедно да седнат да ручаат. Жената немала можност да се престави со своите кулинарски способности туку морала да купува готови јадења или да се хранат во ресторан, а самата најчесто јаде во од, некој сендвич од производителите на брза хрена, само колку да ја репродуцира својата работна сила. Мажот немал можност со часови да чепка во својот автомобил и да ужива во уредувањето на својот двор и слично туку за сеж морал да користи услуги од друг. Секој работел само она од што се заработувало или остварувало профит.
Како резултат на тој напорен и тежок живот денеска во тие земји има висока продуктивност и висок животен стандард. И оние кои се стекнаа со капитал и оние кои останаа без работа имаат можност да уживаат и своето време да го исполнуваат со подготвување на специјалитети за своето семејство. Сите телевизиски канали им се во припомош со своите  програми со рецепти за кулинарски специјалитети.
     И нашите ТВ канали изобилуваат со такви програми. Но, за кого?
Најголем број од жените па и од мажите се виртуози во кулинарски вештини, но прашање е со што да зготват кога нивните примања не се доволни ни за најосновните потреби, а камо ли за специјалитети.
     Оние кои се впуштиле во трката за профит немаат време ни да јадат, а за приготвување на специјалитети не станува збор. Вработените во јавниот сектор со новото работно време ниту имаат време да ги гледаат тие програми ниту да зготват. Ќе мораат да користат готови јадења или да користат ресторански услуги. Ќе мораат да прифатат европски начин на живот.
Прашање е дали европското работно време ќе не доближи до Европа, а тоа значи и намалување на невработеноста. Секако да. Новото работно време, новите услови во стопанисување ќе создадат потреба за појава на голем број мали и средни претпријатија во доменот на исхраната и услуги сврзани за нивните секојдневни потреби. За потребата да се преточи во можност треба време но и мерки на владата за развој на овие дејности. Освен поволни кредити и олеснување во процедурата за основање, треба и даночни олеснувања на носителите на тие дејности. Потребно е и даночно оптоварување на малопродажните цени на суровинските прехрамбени и други производи со што ќе се овозможи цената на купениот производ или услуга  да биде иста или поефтино одколку кога би се направил во домашни услови. Со тоа ќе се создадат услови за забрзување на трансформацијата на натуралниот карактер на производството во доменот на исхраната како и услугите сврзани за секојдневните потреби на граѓаните. Тоа значи појава на голем број мали и средни претпријатија во овие дејности кои се сржта на економијата во секоја земја. Според статистички податоци 76% од сите вработувања во земјите од развиениот свет на Европа и Америка се во мали и средни претпријатија во доменот на исхраната (почнувајќи од примарното производство т.е земјоделството, преработка на земјоделски производи, угостителство, паковање, транспорт, складирање, рекламни производи и сл.) и услугите сврзани за секојдневните потреби на граѓаните. И покрај неофицјиалноста на тој податок, логиката упатува на негова веродостојност зошто во големите фабрики не работат многу луѓе. Таму процесот е автоматизиран, а администрацијата е компјутеризирана.
     Според структурата на населението, традицијата и културата на живеење, мал е бројот што би го посакале темпото и начин на живот на европејците во изминатите децении.   Европскиот начин на живот значи промена на вредностите на традицијата на македонското семејство. Но, ако се продолжи со ваквата состојба на сиромаштија и апатија и ако нашите деца побегнат во странство вредностите на традицијата нема да ни значат ништо. Тој процес секако следи независно какви мерки ќе превземе владата. Евентуланиот прилив на странски инвестиции ќе го забрза овој процес. Само да имаме среќа тој да биде во други дејности, зошто за развој на овие дејности можеме и сами. Ако странските инвестиции се насочат во овие дејности ние за подолг период би биле само извор на ефтина работна сила. Но, и тоа  би било подобро одколку ова сега. Патот на трансформација на натуралниот карактер на производството и услугите во доменот на исхраната е објективна нужност. Мора да прифатиме европско работно време и европско темпо со европски начин на живот за да постигнеме висока продуктивност, а со тоа и европски стандард. За да уживаме во приготвувањето на  кулинарските специјалитети во домашни услови ќе треба да почекаме. Можеби не толку долго како земјите во развиениот свет, но сепак, тој пат мора да се изоди.

Автор:
Професор во пензија Вера Главинчева