ЕУ мора да ја заврши својата домашна задача во процесот на внатрешни реформи, но исто така бара и од оние земји што сакаат да и се придружат да го спроведат нивниот дел во реформите за да постигнат напредок на полето на проширувањето, изјави претседателот на Европскиот совет.
Ова како што посочи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел е дел од Стратешката агенда на блокот за периодот 2024-2029 година, која заедно со одлуката за носителите на врвните позиции на ЕУ, е усвоена од страна лидерите на земјите членки на Унијата на вчерашниот Самит на блокот.
Одговорност на Европскиот совет е да ја утврди ориентацијата на ЕУ за следните пет години. Овој стратешки документ почнавме да го подготвуваме пред многу месеци, уште на Самитот во Гренада за време на шпанското претседателство, а сега решивме да го завршиме овој процес, истакна Мишел на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и белгискиот премиер и претседавач со Унијата, Александер де Кро по завршувањето на Самитот на ЕУ.
Мишел потенцира дека Стратешката агенда се базира на три столба – почитување на демократските вредности, зајакнување на конкурентноста како парадигма на економскиот развој и зголемен ефикасност на европската одбрана.
Фон дер Лајен го поздрави усвојувањето на Агендата, потенцирајќи дека таа претставува политички план што ги поставува правците и целите на Унијата за следниот институционален циклус.
Таа нагласи дека едно од најважните прашања во Стратешката агенда се однесува на зајакнувањето на одбраната и безбедноста во услови на зголемени и досега не видени безбедносни закани и во услови на интензивна војна на европскиот континент.
Ќе ви посочам три податоци. Заедничките трошоци на ЕУ за одбраната во периодот од 1999 до 2021 година пораснале за 20 проценти, а во исто време одбранбените трошоци на Кина пораснале за речиси 600 отсто, а на Русија за речиси 300 отсто, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека ова е период пред руската инвазија врз Украина, додека Русија само оваа година за потребите на обраната ќе издвои сума во висина од седум отсто од нејзиниот БДП.
Таа посочи дека во рамките на ЕУ има идеи за создавање на противракетен штит или за зајакнување на источните граници на блокот, па за остварување на ваквите планови заедно со останатите одбранбени трошоци на Унијата во следната деценија ќе и бидат потребни 500 милијарди долари за одбраната.
Фон дер Лајен додаде дека покрај прашањата за одбраната во Агендата се посочени и планови за справување со климатските закани со цел постигнување климатска неутралност на континентот, како за зајакнување на конкурентноста на европската социјална економија.
Во однос на Украина, која исто така беше една од темите на Самитот, Мишел нагласи дека ЕУ потпиша договор за заеднички безбедносни обврски со Киев, што ќе овозможи поголема конкретна и одржлива поддршка за земјата, како и дека лидерите упатиле повик до Европската комисија, високиот претставник и Советот да работат во правец на утврдување на правниот аспект за исплата на финансиска помош за земјата.
Во контекст на поддршката за Украина, Мишел потсети и на одржаната прва Меѓувладина конференција со што беше означен официјален почеток на преговорите на земјата за членство во ЕУ, како и на Мировниот самит во Швајцарија од кој треба да произлезе изработка на мировен план за ставање крај на руската агресија.
Фон дер Лајен потсети дека оваа недела ЕУ го усвои 14-от пакет санкции кон Русија и исто така воведе рестриктивни мерки кон Белорусија, со што ја покажа својата определба за притисок врз Москва за ставање крај на руската агресија врз Украина.
Денеска, како прв чекор, исплативме 1,9 милијарди евра како предфинансирање во рамки на Украинскиот механизам, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека пред лидерите го презентирала и планот на Г7 за исплата на 50 милијарди евра позајмици на Украина, како дека ЕУ ќе работи со своите партнери и Киев за усвојување на регулатива што ќе овозможи исплата на финансиски средства за земјата пред истекот на оваа година.
Во врска со состојбата на Блискиот Исток, претседателот на Европскиот совет нагласи дека ЕУ секогаш ќе се залага за почитување на меѓународното и меѓународното хуманитарно право и од тој аспект го поддржува правото на Израел да се брани од нападите на Хамас, но исто времено бара и итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и овозможување на дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, како и дека го поддржува решението за создавање на две држави.
Мишел на крајот од своето обраќање и се заблагодари на Белгија и на премиерот Де Кро за успешното претседавање со Унијата во првите шест месеци од годинава, оценувајќи дека во овој период биле усвоени важни регулативи и биле постигнати многу компромисни решенија.
Фон дер Лајен од своја страна му честиташе на Де Кро за, како што рече, исклучителното претседавање со ЕУ, за кој период беа постигнати политички договори за 45 регулативи, меѓу кои и неколку клучни одлуки поврзани со Зелениот договор, дигитализацијата, индустријата и проширувањето, како и ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ и Пактот за азил и миграција.
Де Кро, пак, оцени дека ЕУ во следните години ќе се соочува со многу предизвици, имајќи ги предвид војната во Европа и притисокот врз економијата, потенцирајќи дека справувањето со овие предизвици било меѓу приоритетите на белгиското претседателство со Унијата.
Тој и посака успех на Унгарија во претседавањето со Унијата во следните шест месеци и постигнување напредок во законодавниот процес и продолжување на европската поддршка за Украина.
Претставува голема привилегија и голема одговорност да се работи за доброто на граѓаните на ЕУ. Тоа беше привилегија на Белгија и Белгија по 13 пат ја имаше таа привилегија. Европската Унија е одлично место за живот, одлично место за работа, одлично место за инвестирање и затоа сите треба да работиме заедно за да го задржиме тој правец, додаде Де Кро.
OhridNews