Европскиот совет го поздрави напредокот на земјите од Западен Балкан во усогласувањето на визната политика на Европската унија и ги повика брзо да преземат понатамошни чекори, наведувајќи дека тоа е од итно и клучно значење за управувањето со миграцијата и доброто функционирање и одржливост на безвизните режими.
Во заклучоците што по самитот ги усвоија шефовите на држави и влади на ЕУ, се наведува дека треба да се зајакне мониторингот на визните политики на соседните земји и дека ЕУ е подготвена да ја продлабочи соработката со земјите од Западен Балкан во областа на миграцијата, азилот, управувањето со границите и враќањето, максимално искористувајќи ги постоечките рамки и достапни канали.
Европскиот совет наведува дека ангажманот на ЕУ и нејзините членки со земјите на потекло и транзит ќе се интензивира на координиран начин, вклучително и контакти на високо ниво, со цел зајакнување на нивните капацитети во управувањето со границите.
Треба да бидат покриени сите миграциски рути, исто така со соодветни ресурси. Треба да се спроведат постојните акциски планови за рутите низ Западен Балкан и централниот Медитеран. Комисијата треба што поскоро да ги претстави акционите планови за Атлантскиот, Западниот и Источниот Медитеран со цел брзо ублажување на притисокот врз најпогодените земји-членки и ефикасно спречување на нередовните пристигнувања, се наведува во заклучоците.
Европската унија ќе продолжи да ги поддржува партнерите во решавањето на причините за нерегуларната миграција и во однос на безбедна, редовна и уредна миграција, се наведува во документот и се додава дека ќе се зајакне соработката со меѓународните организации, особено со Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и УНХЦР.
OhridNews