Актуелниот европски шампион Норвешка и нанесе висок пораз на Македонија 34:22 (16:9) на отворањето на втората фаза по групи на Светското првенство во ракомет за жени што се игра во Франција.
Ладните норвежанки доминираа во текот на целиот натпревар, ја казнуваа секоја наша грешка, беа доминантни на сите позиции и со разноврсната игра што ја прикажаа само ја потврдија улогата на фаворит за светската шампионска титула.
Освен почетните 2:2 Македонија не успеа резултатски да му се доближи на противникот кој од минута во минута градеше недостижна предност за на крај да заврши на +12.
Овој висок пораз никако не смее да ги демотивира нашите девојки, бидејќи Македонија шансата за повторување на историскиот успех од СП Германија каде бевме 7-ми, треба да ја бара во преостанатите натпревари во мошне силната група. Поразот од Норвешка е очекуван, а одморот денеска добре дојден пред продолжување на натпреварите на мундијалот. Ждребот сакаше вториот натпревар од продолжението на СП да го играме токму против домаќинот Франција в сабота во 15ч. Во недела во 14:30 играме против Андора, а последниот натпревар во групата го играме против Хрватска во вторник.
Г. Момироски