Европскиот парламент на денешната пленарна седница со големо мнозинство го поддржа влезот на Хрватска во Шенген зоната, а сега е потребна одлука на Советот на Европската унија за конечна потврда.

Пратениците го изгласаа мислењето на Европскиот парламент за предлог-одлуката на Советот на ЕУ за прием на Хрватска во Шенген зоната. Гласаа 612 пратеници, од кои 534 беа за, 53 беа против, а 25 беа воздржани.

Во текстот се вели дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за влез во Шенген зоната и нема пречки да стане полноправна членка на таа зона без контроли на внатрешните граници. Со ова гласање заврши улогата на Европскиот парламент во процесот на влез на Хрватска во Шенген зоната.

Конечната одлука ќе ја донесат 22-те земји-членки на ЕУ, исто така членки на Шенген зоната, на состанокот на 9 декември.

OhridNews