Европскиот парламент со големо мнозинство на пленарната седница во Стразбур, денеска,  го отфрли Меѓународниот трговски договор (ACTA), со што овој договор нема да важи за Европската унија и нејзините членки, пренесува „Макфакс“.
За отфрлање на ACTA гласаа 478 пратеници, 39 гласаа за, а 165 беа воздржани. Ова е првпат  Европскиот парламент да ги користи овластувањата што ги доби со Лисабонскиот договор со кои може да одбие некој меѓународен трговски договор.
„Гласањето против ACTA не е гласање против заштитата на интелектуалната сопственост. Напротив, Европскиот парламент силно ја поддржува борбата против пиратеријата и фалсификувањето, коишто нанесуваат штети на европските компании и претставуваат закана за здравјето на потрошувачите и за работните места во Европа’, изјави по гласањето претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Шулц истакна дека расправата за ACTA „покажала постоење на европското јавно мнение кои ги надминува националните граници“
Европскиот парламент во текот на повеќемесечната расправа доби илјадници пораки од граѓаните за отфрлање на ACTA, како и петиција потпишана од 2,8 милиони луѓе од целиот свет со исто барање.
Контроверзниот Меѓународен трговски договор ACTA (Anti-Counterfeiting Trade Agreement) минатата година предизвика големи протести во светот поради стравот дека со него под маската за заштита на авторските права всушност ќе се загрози слободата и правото на слободен интернет.
Договорот ACTA на 26-ти јануари годинава во Токио, го потпишаа 22 земји од 27-те членки на Европската унија. Зa ACTA преговараа ЕУ, САД, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Австралија, Сингапур, Јужна Кореја, Мароко, Мексико и Швајцарија, а текстот од овој договор е осмислен за широка борба против кршењата на авторските права, од лекови и други стоки до илегално преземање содржини од интернет.
Текстот на договорот се однесува на лековите, на фалсификувана стока, земјоделски патенти, но и нелегално преземање на содржини и на борбата против пиратеријата. Оние коишто не се согласуваат со текстот на договорот, сметаат дека тој е премногу непрецизиран, истакнувајќи дека меѓу другото на сопствениците на авторските права им овозможува злоупотреби.
Потпишувањето на овој договор поттикна бран незадоволство и масовни протести и низ цела Европа.
Противниците на донесувањето на ACTA, во кои се вклучуваат и многу европски експерти, правници, новинари и политичари, веруваат дека текстот на договорот е полн со големи опасности за иднината на интернетот, слободата на говорот и човековите права. Според нив тој содржи премногу нејасни барања, кои по избор може да се користат за да се здобијат со контрола над општество преку интернет. Поточно, во случај на прифаќање на ACTA може да се следи кои интернет страници ги посетило некое лице, и притоа да не потребна дозвола од судот или обвинител. Покрај тоа, договорот ќе им овозможи на царинските службеници да изврши увид, во согласност со договорот ACTA, прегледи на лап-топ компјутери, iPod-и и мобилни телефони врз основа на барање нелегални содржини.
Противниците на ACTA се согласуваат дека оваа програма е составен дел од глобализацијата, а најголемиот дел од профитот од неговото донесување ќе оди на сметката на големите меѓународни корпорации.
OhridNews
извор:„Макфакс“