Европскиот парламент во извештајот за напредокот на земјата во 2008, што беше усвоен вчера во Стразбур, препорачува  Македонија до крајот на годинава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во извештајот исто така се препорачува и целосна визна либерализација.

– Направен е прогрес во имплементцијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и на Охридскиот договор, како и во исполнувањето на бенчмарковите што ги постави ЕК,  стои во Извештајот.

Европскиот парламент притоа изрази жалење што три години по добивањето кандидатски статус Македонија се уште не почнала преговори за членство во ЕУ. Тоа има демотивирачки ефект врз државата и граѓаните и го зголемува ризикот за дестабилизација на регионот и затоа Советот на  ЕУ треба да одреди дата за почеток на преговорите до крајот на годинава, стои понатаму во Извештајот.

Во него Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да му предложи на Советот на ЕУ целосно укинување на визите за граѓаните на Македонија до крајот на 2009, имајќи го предвид, како што се наведува, напредокот што го постигна земјата во напорите за визна либерализација.

Европарламентарците во документот директно не ја повикуваат Грција да не го користи ветото како инструмент за спречување на интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ туку е прифатена општа одредба со која се препорачува билатералните проблеми да не го кочат процесот на пристапување на земјите од Балканот во евро и евроатлантските организации.

Ohridnews