Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, барал во неделата од британскиот премиер Дејвид Камерон веќе во вторник да ја покрене процедурата за излегување од Европската унија, а истиот ден е предвиден и европскиот самит.

Во разговорот објавен во весникот Bild, претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц оценува дека некој неодреден период во кој Велика Британија би го започнала процесот за раздвојување од Европската унија, би предизвикал дополнителни несигурности и во опасност би довел многу работни места.

„Тоа колебање, само поради тактичките игри на британските конзервативци, на сите ни носи штети. Затоа сметаме дека британската влада ќе го одржи своето ветување веднаш, а самитот во вторник е добар момент“, вели Шулц.

Четирите најголеми парламентарни групи во Европскиот парламент, исто така, составиле резолуција со којашто го повикуваат британскиот премиер Дејвид Камерон да го покрене процесот на излегување на неговата земја од 28-члениот блок во вторник, пишува германскиот весник Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung.

Европските парламентарци напишале дека е неопходно да се избегнат несигурностите и да се сочува единството на ЕУ. „Никаква нова врска меѓу Велика Британија и Европската унија не може да биде потврдена додека не биде завршен договорот за излегување“, цитира весникот.

Во петокот по шокот од резултатот од референдумот, премиерот Дејвид Камерон ја најави својата оставка до октомври и така би му ги препуштил на својот наследни преговорите за британското излегување со другите земји членки.

Според членот 50 од Лисабонскиот договор, кој досега не е користен, Велика Британија мора официјално да му објави на Европскиот совет, составен од шефовите на држави и влади на земјите членки, својата намера да ја напушти Европската унија. Од тогаш земјата која излегува и членките на ЕУ имаат две години за преговорите за излегувањето.

Самитот на европските шефови на држави и влади е предвиден за вторник и среда за да се разговара за британскиот референдум. Европскиот парламент ќе се состане во вторник на вонредно заседание. Министрите за надворешни работи на шесте земји основачки кои во саботата се сретнаа во Берлин, побараа од британската влада што поскоро да го покрене процесот за излегување.

OhridNews
извор: „Макфакс“