Уникатни крајолици, фасцинантни градови и импознантни културни богатства – вака најголемиот трговски џин во Европа, германскиот синџир „Алди“, ги продава своите патувања за Балканот, пренесува „Deutsche Welle“.

Во најновата понуда на „Алди-патувања“ се застапени пакет-аранжмани за десетдневни патувања во нашата земја и регион во 2020 година, по цена од 949 до 1099 евра, со можност за попуст, доколку заинтересираните резервираат порано, во висина од 100 до 150 евра. Македонските убавини се застапени и во понудата за патување низ осум балкански земји, кое чини помеѓу 999 и 1119 евра. Дел од тоа патување е и посетата на Охрид. Притоа во описот стои: „Со прошетка го откривате градот кој важи за религиозен центар на православната црква. Знаете ли дека Охрид има 365 цркви?“ Посета на Свети Канео е исто така предвидена во понудите на „Алди-патувања“

Најдолгото патување кое го нуди „Алди-патување“ е 14-дневната тура во четири земји: Албанија, Северна Македонија, Грција и Турција. Притоа, по цена од 1399 до 1599 евра, на заинтересираните им се нуди патување по познатата Виа Игнација од Тирана до Истанбул. И во оваа понуда е предвидена посета на Охрид и езерото, за кое се нагласува дека е „најдлабоко во Европа и второ по длабочина во светот“. „Градот се нарекува и Ерусалим на Балканот, затоа што во него има околу 365 цркви и манастири“, стои во понудата, која предвидува и посета на Струга и Битола, вклучително и Хераклеја, пишува „Deutsche Welle“.

OhridNews
извор: „Deutsche Welle“