Денеска отпочнува имплементацијата на проектот “Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува – Размени меѓу уметници кои работат во социјалната област”, чиј носител е К.Ц. Медиа Артес од Охрид. Проектот се реализира во партнерство со организацијата Refraction Association од Тирана, Албанија и истиот е поддржан преку ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.
Главната цел на проектот е да создаде мрежа на граѓански организации меѓу Македонија и Албанија, организации од областа на културата, локални институции, неформални групи и уметници, кои работат со ранливи групи користејќи ја уметноста како средство и медиум.
Во рамки на проектот уметници од Шведска, кои имаат долгогодишно искуство во ваков тип на работа, ќе ги обучат своите колеги-уметници, како и други креативни професионалци, од Охрид и Струга за работа со ранливи групи. Исто така, проектот ја промовира соработката и размената на искуства на уметниците и психо-социјалните работници од Охрид и Струга со нивните колеги од Албанија, а во рамки на истиот ќе бидат имплементирани пилот-активности на работа на уметниците со различните ранливи групи на територија на општините Охрид и Струга, вклучувајќи млади луѓе, малцински групи, млади криминални престапници, лица кои се на третман од болести на зависност и сл.,-информираат од Медиа Артес.
Вредноста на проектот е околу 58.000 евра.
OhridNews