Граѓаните без оглед на возраста треба да бидат одговорни кога ги објавуваат или даваат своите лични податоци, апелираат од Агенцијата за заштита на лични податоци, укажувајќи дека бројот на злоупотреби секоја година се зголемува.

Сите граѓани без оглед на возраста треба да бидат одговорни кога ги објавуваат личните податоци. Често гледаме како заради остварување на права, добивање на награди, кога аплицираат за нешто или за да одат на некое патување, со голема леснотија разменуваат свои податоци дури и слики и лични карти. За жал, некои од нив претрпеле или ќе претрпат парична загуба, нарушување на угледот и честа, дури и некогаш може да чини и нечиј живот. Затоа е потребно сите да се однесуваме одговорно во однос на нашите постапки, истакна Слободанка Славковска, виш супервизор од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) при одбележување на Европскиот ден за заштита на личните податоци.

На 28 јануари секоја година се одбележува Европскиот ден за заштита на личните податоци, на годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на личните податоци. Заштитата на личните податоци кај нас е гарантирана и со Уставот, а во февруари 2020 година беше донесен нов Закон за заштита на лични податоци. Целта на овој закон, покрај усогласување на националното законодавство со Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) на Европската Унија, беше да одговори на предизвиците предизвикани од зголемената употреба на дигитални алатки во обработката на личните податоци.

Европскиот ден за заштита на личните податоци кај нас беше одбележан вчера, а властите и претставниците на ЕУ апелираа за доследно спроведување на Законот за заштита на личните податоци. АЗЛП, како што истакна нејзиниот директор Имер Алиу, се соочува и со недостиг на вработени.

АЗЛП ги потсети сите министерства и институции дека законските решенија и подзаконските акти што ги изготвуваат, треба да ги доставуваат и до нив за мислење.

На конференцијата организирана по повод Европскиот ден, Славковска посочи дека минатата година имало неколку законски решенија за коишто имаше негативни реакции во јавноста, а за коишто Агенцијата воопшто не била консултирана.

Во однос на нарушувањето на безбедноста на личните податоци, посебно кога се загрозени правата и слободата на граѓаните, Славковска исто така потсети дека сите контролори и обработувачи имаат рок од 72 часа од дознавањето на нарушувањето да ја известат Агенцијата и во одредени ситуации да ги известат и засегнатите граѓани.

За контролорите, односно имателите на податоците таа кажа дека при користење на новите технологии, контролорите треба да бидат одговорни и транспарентни кога обработуваат лични податоци.

Сведоци сме дека наши сограѓани претрпеле материјална штета затоа што некој контролор се однесувал неодговорно и не применил соодветни мерки за заштита на личните податоци, посочи таа.

Граѓаните и правните лица можат да ги пријават повредите или злоупотребата на личните податоци преку веб-страницата на АЗЛП, која од неодамна има нова веб-страница изготвена со помош на ЕУ.

Концептуално веб-страницата е поделена во два битни дела, едниот посветен на граѓаните, а другиот на контролорите. Во двата дела има понудено насоки. Конкретно, кај граѓаните како да си ги заштитат личните податоци во случај доколку се сомневаат дека им се злоупотребени, додека кај контролорите повеќе се насочивме на прашања поврзани со импелементација на Законот за заштита на личните податоци, рече Славковска.

На веб-страницата можат да се најдат примери од праксата и линкови од дополнителна литература поврзана со конкретната содржина – водичи, информатори и видеа. Веб-страницата содржи и обрасци и услуги што ги нуди Агенцијата.

Кај контролорите на пример, покрај обрасците коишто се уредени и се предвидени со прописите за заштита на личните податоци предвидовме и дополнителни обрасци кои ги подготвивме во рамките на твининг-проектот. Многу наскоро ќе објавиме и нови обрасци, најави Србиновска.

Многу скоро ќе бидат објавени и анкети за различни актуелни прашања.

Преку веб-страницата одредени барања ќе можат да поднесуваат и граѓаните и офицерите за заштита на личните податоци, предвидени се и форми за самоевалуација. АЗЛП наскоро ќе почне постапка за нова стратегија за работа за што на веб-страницата ќе биде упатен повик за учество до сите засегнати страни.

OhridNews