Организацискиот одбор на Европската конференција за енергетика што се одржува во Охрид, на фестивалот „Охридско лето“ му подари сцена за 500 гледачи во предворјето на катедралната црква Св. Софија. Организаторот на научниот собир на кој учествуваат над 400 експерти од областа на енергетиката од целиот свет во програмата предвидел концерт и коктел во предворјето на Св. Софија, но фестивалот „Охридско лето“ веќе ја демонтирал старата сцена.

– Охридско лето ја растури сцената, па ние комплетно ја обновуваме  со нови талпи, кои се бојадисуваат и монтираат за што Конференцијата издвои 200 000 денари. Сцената ќе остане за Охрид, за потребите на фестивалот „Охридско лето“ и за други културните настани и тоа е подарок од Европската конференција за енергетика, истакна Миле Станкоски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при Универзитетот „Свети Кирил и Методија“ во чија организација е собирот.

Сцената ќе биде готова до вечер кога во предворјето на Св. Софија под диригентската палка на Саша Николоски – Ѓумар ќе настапат  Камерниот оркестар при македонската опера и балет и солистите Васил Атанасов – обоа и Влатко Митев – тапани.

OhridNews