На хрватската граница е откриено високо ниво на канцероген акриламид во чипс произведен во Србија, објавено е на веб-страницата на Европската комисија. По оваа информација, од српското Мистерство за земјоделство соопштија дека во тек е „контрола во погоните за производство на спорниот производ“, јави дописникот на МИА од Белград.
Високи нивоа на акриламид се откриени во чипс со вкусот на пиперка, произведени во Србија, откако проблемот го пријави Хрватска, соопштија на веб-страницата на Европскиот систем за брзо предупредување.
Производот не влегол на хрватскиот пазар и е безбедно уништен, јавува Н1 од Загреб.
Според соопштението на веб-страницата на Министерството за земјоделство на Србија, по добиеното известување на RASFF за покачено ниво на акриламид во чипсот од прехранбениот производ со вкус на пиперка произведен во Србија, земјоделската инспекција издала наредба за вонреден преглед на фабриката за производство на спорниот производ.
Контролата е во тек и по добивањето на резултатите од анализите ќе објавиме подетални информации и мерки што ќе ги преземе земјоделската инспекција, соопштија од ресорното министерство.
Акриламидот не може да се најде во свежата храна и главно се формира при преработка на храна на температури над 120 степени, како и при ниска влажност, што значи печење, пржење и други форми на подготовка.
Најчесто се наоѓа во лебот, помфрит, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери и кафе.
Ова соединение беше подетално истражено и пронајдено во одредени видови храна во 2002 година во Шведска.
Оттогаш јавноста е предупредена за нејзините последици, а особено загрижува поврзаноста со некои форми на рак. Акриламидот се претвора во телото во глицидамид, кој предизвикува мутации и ја оштетува ДНК.
Како што соопшти хрватската агенција за храна, се проценува дека присуството на акриламид во храната може да го зголеми ризикот од развој на рак кај сите возрасни групи.
OhridNews
Фото: freepik
Бабовски: Во тек се проверки дали на нашиот пазар има од српскиот чипс со акриламид