Екстремната џихадистичка организација Исламска држава и други милитанти многу веројатно би можеле да изведат нови терористички напади во Европа, по 13-ноемвриските напади во француската престолнина Париз кога убија 130 луѓе, предупреди вчера директорот на Европол, Роб Вајнрајт.

Аналитичарите на Европол се убедени дека Исламската држава „подготвува нови напади во државните членки на Европската унија, особено во Франција“, се истакнува во извештајот кој директорот на европската полициска служба го претстави на свеченото отворање на Европскиот центар за борба против тероризмот во холандски Амстердам.

„Националните експерти се согласуваат дека Исламската држава има волја и способност да изведе нови напади во Европа“, предупреди Вајрајт.

„Нападите, во прв ред, би можеле да бидат насочени кон цивилните цели, поради последиците кои тие би ги предизвикале“, се наведува во споменатиот извештај, во кој се предупредува на „промената на стратегијата на Исламската држава којшто сака да дејствува глобално“.

Извештајот предупредува на „промена на оперативниот модел“ на Исламската држава, којашто „кога и да посака“ може насекаде на светот да изведе „низа сложени и добро координирани напади“ благодарејќи на локалните борци коишто добро го познаваат теренот.

„Се чини дека командантите на Исламската држава имаат тактичка слобода кога ги избираат своите цели, за да се прилагодат на специфичните локални околности, што на безбедносните сили уште повеќе им отежнува во раната фаза да ги разоткријат тие планови и да ги идентификуваат вмешаните лица“, се вели уште во извештајот на Европол.

Извештајот на Европол е резултат на конференцијата на експертите на 28-те членки на Европската унија, одржана три седмици по париските напади од 13-ти ноември.

Европскиот центар за борба против тероризмот, базиран во седиштето на Европол во Хаг, има засега четириесетина аналитичари, меѓутоа, како што истакна Вајнрајт, во следните месеци мора да бидат зголемени средствата коишто му се доделуваат, бидејќи државите членки ветиле дела ја подобрат размената на разузнавачките информации по нападот во Париз.

OhridNews
Извор:„Макфакс“