На банкарскиот сектор во Европа му се заканува нов шок, откако компаниите и штедачите во проблематичните земји на еврозоната последните недели повлекоа милијарди евра депозити од банките, пишува  „Вол Стрит Журнал“, пренесува „Макфакс“.

Многу италијански и шпански банки неодамна објавија намалување на средствата на депозитите на големите корпорации и другите институционални клиенти, и тоа со темпо што се мери во двоцифрени проценти.

Депозитната база на шпанските банки во третиот квартал на 2011 година е намалена за 48 милијарди евра, објави шпанската централна банка. Со домино-ефектот, се зголемиле и позајмиците на банките од Европската централна банка, на рекордното ниво од 2009 година.

Банките во земјите како Шпанија, Италија и Португалија се обидуваат да ги задржат клиентите и да привлечат нови со рекордно високите камати на депозитите, но со тоа ја зголемуваат и цената на сопствените трансакции.

Така во Италија само во септември каматата на депозитите пораснала на 2,6 отсто, речиси двојно повеќе од каматите што се нуделе на почетокот на оваа година.

Банкарскиот сектор, освен масовното повлекување на депозитите, е загрозен  и заради фактот дека на европските банки догодина им доаѓаат за наплата обврзниците во вредност од 800 милијарди евра.

Швајцарски банкари:Еврото ги брои последните денови

Весникот „Волстрит Журнал“ објави приказна за тоа како од големата швајцарска банка „Кредит Свис“ предвидуваат овие денови крах на еврото, поточно дека на заедничката европска валута и се бројат последните денови.

„Ќе се случат некои многу важни работи и тоа многу веројатно до средината на јануари“, се наведува во извештајот на швајцарските банкари во кои се додава дека кризата во еврозоната ќе се одрази врз сега финансиски моќните Германија и Франција, како и врз најмоќните банки.

Таков развој на настаните, се чини, не им е непознат на земјите членки на Европската унија(ЕУ), а дека е тоа така, докажува и подготовката на низа клучни одлуки околу иднината на еврозоната, па и самата ЕУ.

Швајцарците во црната прогноза истакнуваат дека доколку не се случи нешто навистина „револуционерно“ во размислувањето на лидерите на ЕУ, може да се очекува поплава на кризата од која никој нема да биде поштеден.

„Битно е времето кога ќе се свати дека треба да се свртиме кон рационалното однесување во банкарскиот сектор“, сметаат швајцарските аналитичари, додавајќи дека Европската централна банка би требало да преземе поистакната улога во спречувањето на колапсот на еврозоната, односно финансискиот систем.

OhridNews
извор:„Макфакс“