Сплет од различни европски култури презентирани преку балетски танц на македонска традиционална музика, донесе вчерашната премиерата на “Европа сега, Европа без граници”. Оваа  единствена балетска претстава на јубилејното Охридско лето покрај тоа што ги разбуди сетилата и ја  воодушеви публиката на Антички театар, кај многумина го смени мислењето дека балетот е една здодевна класика и презентираше еден модерен и жив балетски танц.


Современата балетска изведба ја реализираа младите  балетски солисти од Македонски национален балет  и балетските групи од  Италија, Украина, Португалија, Франција и Грција.

Имавме шест групи на балетани од различни земји. Секоја од нив на свој начин успеа да го покаже својот карактер, својот стил на игра, својата крактеристика. Многу сум задоволен од тоа како помина балетската премиера. Посебно ме радува фактот што оваа балетска целина ја составија неколку европски балетски групи кои преку  балетските движења и прекрасната македонска музика, пренесоа една убава порака, порака за мир и разбирање.-вели Кире Павлов, уметнички директор на Балетот при МОБ.


Според него овој  заеднички балетски проект има големо значење за Македонскиот балет и за македонската култура воопшто.

Е.Е.