Близу 200 луѓе умреле во источна и централна Европа од доаѓањето на студениот бран, кој ја прекина невообичаено благата зима.

Како што пренесува „Макфакс, сто и еден човек почина во Украина во студениот бран кој владее во оваа земја од 27 јануари, соопшти денеска украинското Министерство за итни ситуации, пренесува Франс прес.

„За време на најстудениот период, 101 лице умре, од кои 11 во болница, 64 се пронајдени на улица, а 26 во нивните домови“, наведува министерството и прецизира дека тие луѓе умреле во периодот од 27 јануари до 3 февруари.

Претходниот биланс, соопштен вчера, беше 63 мртви.

Украинското министерство за итни ситуации наведува и дека температурата нема да расте. Во текот на ноќта ќе биде од минус 30 до минус 25, а дневната од минус 21 до минус 16.

Во Русија, каде што денеска во Москва е минус 25, а во Јакутск во Сибир минус 50, според официјалните податоци од 1 јануари од студ починале 64 луѓе.

Температурата во Романија се спушти до минус 34 Целзиусови степени, а Романците добија можност да се прошетаат по замрзнатото Црно море. Во Романија се откажани многу летови, а многу села се отсечени од остатокот на земјата. Ледениот бран изминатите денови во оваа земја однесе 14 животи, а 346 лица се хоспитализирани.

Во Србија во ледениот бран умреа осум луѓе.

Температурата во Белорусија се спушти до минус 30, а во Унгарија до минус 22 Целзиусови степени.

Црвениот крст издвои пари за изградба на засолништа за бездомниците во Белорусија и Украина.

Старите лица се спасуваат со хеликоптери од отсечените зони во БиХ, каде што во текот на изминатата ноќ паднаа нови 30 сантиметри снег, со температура до минус 29 степени.

Во хрватските приморски градови падна необично големо количество снег.

На северот на Словачка забележани се најниските температури во последните 50 години.

Снег падна и на Корзика, а врнежите во Италија предизвикаа хаос во Милано и Болоња.

Во Брисел, 400 години старата статуа на дете што уринира беше исклучена заради стравување мразот да не го оштети внатрешниот механизам.

Се очекува исклучително ниските температури во источниот и централниот дел на Европа да потраат во текот на целата следна недела.

OhridNews
извор: „Макфакс“