Граѓаните на повеќето земји од Европската унија (ЕУ) гласаат за новиот состав на Европскиот парламент (ЕП), а според предизборните анкети, водечката битка повторно ќе се води помеѓу двете главни политички групи, Европската народна партија (ЕПП) и Прогресивната алијанса на Социјалистите и Демократите (СД).
Гласањето во некои земји членки, како што се Велика Британија и Холандија, започна уште во петокот, а ден подоцна се гласаше и во Чешка, Република Ирска, Летонија, Словачка и Малта.
Во составот на заминување, Европската народна партија имаше 274 пратеници, а Прогресивната алијанса на Социјалистите и Демократите, 195 пратеници. Либералите (АЛДЕ) имаа 85 пратеници, Зелените 58, конзервативците (ЕЦР) 56, а европската крајна левица (ГУЕ/НГЛ) 35 пратеници. Крајната десница имаше 33 пратеници а независни пратеници имаше вкупно 30.
Според последните анкети на организацијата Poll Watch, ЕПП и СД се во мртва трка, на првите им се предвидуваат 217 мандати, а на вторите 201 мандат. Либералите ќе паднат на 59, конзервативците на 42, а Зелените на 44 пратеници, покажуваат анкетите. Се очекува раст на крајната левица на 53 пратеници, а крајната десница на 40. Троструко ќе се зголеми бројот на независните пратеници, на 95, но и тука се работи за припадници на евроскептичните и радикално десните струи.
Ова се први избори во историјата на кои би можело скоро 400 милиони гласачи непосредно да влијаат на изборот на новиот претседател на Европската комисија. Првите проекции на новиот состав на Европскиот парламент ќе бидат објавени вечерва по 22 часот, а првите резултати по 23 часот. Резултатите не смеат да се објавуваат додека не се затворат сите избирачки места во Европската унија, а тоа се избирачките места во Италија, каде може да се гласа до 23 часот. По добивањето на изборните резултати од сите земји, кандидатот за претседател на Европската комисија ќе биде именуван на состанокот на врвот на Европската унија од 26 до 27 јуни.
OhridNews