Мнозинството граѓани во земјава сметаат дека влезот во Европската Унија е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, но исто така мнозинството смета и дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е нефер, надмен и уценувачки.

На денешната презентација на резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023, Димитар Николовски, од Евротинк – Центар за европски стратегии посочи дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така.

На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија”, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022). За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјта треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33 отсто во 2022).

Вкупно 30 проценти од испитаниците мислат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12 проценти кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години.

Над 56 проценти од граѓаните сметаат дека во земјава нема демократија, што е подобрување за 5 проценти во однос на минатата година, кога 61 процент од граѓаните одговориле негативно на прашањето „дали Северна Македонија е демократска земја”, покажуваат резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023.

Над половината од граѓаните сметаат дека генерално, работите во државата се движат во погрешна насока, наспроти една петтина, кои рекле дека се движи во многу добра насока. Ова е намалување на општото незадоволство на граѓаните во однос на 2022, кога 72 отсто рекле дека земјата се движи во погрешна насока.

На прашањето „Генерално, во каква насока се движат работите во Северна Македонија”, 54,4 проценти одговориле со 1 (целосно погрешна насока), со 2 одговориле 8,3 отсто, со 3 одговориле 20,7 проценти, со 4 одговири 3 проценети, со 5 (многу добра насока) одговориле 12,6 отсто.

Има подобрување во бројот на граѓани кои сметаат дека државата се движи во добра насока, каде 15,6 отсто одговориле со 4 и 5, наспроти 9 отсто во 2022 година. Сепак, останува генералниот тренд на намалување, од 36,1 проценти во 2014 година, кои сметале дека државата се движи во добра насока.

На прашањето „дали веруваат дека постои држава или меѓународна организација која претставува закана за земјава”, 48 проценти одговориле со „да“, наспроти 46 отсто со „не“.

Најголем процент од испитаниците кои гледаат закана сметаат дека во овој момент тоа е Бугарија – 79 проценти, по што следи Русија со 6,3 проценти, Албанија за 2,7 отсто и Србија за 2,4 проценти.

На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјава”, најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД за 13,7 проценти, Турција за 10 проценти и ЕУ за 8,4 отсто од испитаниците.

Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.

Испитувањето на јавното мислење е спроведено во рамки на проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ со финансиска поддршка од Европската Унија.

OhridNews