Во рамките на посетата на Охрид, Амбасадорот на Европската унија во земјава оствари посета на репродуктивниот центар за европски елен на Националниот парк Галичица. Репродуктивниот центар се протега на површина од 86 хектари на локалитететот „Косто бачило“. Матичното стадо брои 30 единки, од кои 24 женки и 6 мажјаци, а веќе има и подмладок на мали еленчиња.

Амбасадорот беше информиран со главните функции на центарот, кој има за цел аштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на Националниот парк Галичица и едукативна функција, информираат од Националниот парк.

На средбата со раководството на националната установа било дискутирано и за зачувување на природното и културното наследство во НП Галичица и активностите кои установата ги презема и планира да ги имплементира во иднина. Евроамбасадорот се информирал и за напредокот и резултатите од спроведувањето на Проектот: „Подобрување на ефективноста во заштитата и управувањето со Националниот парк Галичица”, кој е дел од Програмата: „Подобрување на управувањето во заштитените подрачја“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран во рамки на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

OhridNews