На предлог на градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, Амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Н.Е. господин Ерван Фуере, е годинешен добитник на Признанието што го доделува општината: Почесен граѓанин на Охрид.
Признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ е едно од трите форми на признателност на општината, покрај Наградата и Повелбите „Свети Климент Охридски-Патрон на Охрид“ што се востановени со одлука на Советот донесена на седницата од 26.10.2006.година (Сл.гласник бр.11/06).
Признанието Почесен граѓанин на Охрид што ќе му биде врачено на Амбасадорот Фуере во првата пригодна прилика во зависност од неговите службени обврски, се состои од плакета и Клуч на градот.
Прогласувањето на господинот Фуере за почесен граѓанин на Охрид е знак на благодарност на граѓаните за неговото повекепати искажано пријателство и лично учество во одржувањето на низа манифестации кои значат афирмација на Охрид ширум Европа и светот како духовен, културен и туристички центар на Македонија. На јавноста и’ е добро познат фактот дека Амбасадорот Фуере, како пријател на Охрид, често пати престојува во градот на Климента и може да се види во неформални средби и разговори со граѓаните, новинарите или јавните личности. Благодарение на неговата вљубеност во Охрид, со својата висока дипломатска функција и авторитет, г-дин Фуере придонесува, со секој нов ден, градот Охрид да стекнува нови пријатели, почитувачи и промотори, се вели во образложението на одлуката.
Конечно, предлогот за прогласување на г-дин Ерван Фуере за Почесен граѓанин на Охрид симболично и на најдобар начин ја одразува благодарноста на Охрид, Македонија и нивните граѓани за неговио придонес во деновиве добиеното признание за Македонија на патот на евроинтеграциите – препораката на ЕК за отпочнување на разговорите за зачленување на Македонија во Европското семејство на народи, велат од локалната самоуправа.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com