Броилата на корисниците од средината на април се отчитуваат и тие добиваат порамнети и коригирани сметки, информира ЕВН, по реакцијата на Регулаторната комисија за енергетика – РКЕ, која побара од компанијата коригирање на сметките поради поплаки од граѓаните за високи сметки во месеците од кризата предизвикана од Ковид 19.
Од ЕВН велат дека компанијата и досега ги следела препораките на РКЕ и за неотчитување и за отчитување на броилата и корекција на сметките.
ЕВН Македонија ги почитуваше препораките на Регулаторната комисија за енергетика и Здравствените власти за да се спречи ширењето на корона вирусот според кои во периодот од 15 март до 15 април годинава отчитувањата не се реализираа. Околу 200 000 броила се наоѓаат во домовите на корисниците и во време на пандемија отчитувањето не е препорачливо. Затоа за сите корисници беа изготвени проценети фактури. Исклучок од ова беа корисниците чии броила се со двонасочна врска т.е. нивната потрошувачка постојано се мониторира. – стои во соопштенито за јавност на ЕВН.
Од 15 април веќе почнаа да се отчитуваат броилата и во месец мај корисниците добија порамнети сметки. Оние кои претходно имале помала претпоставена потрошувачка добија повисоки сметки, а оние кои имаа поголема претпоставена потрошувачка помали сметки, информираат од компанијата.
Сите корисници кои доставија состојби за корекција добија коригирани сметки. Ова значи дека на корисниците во сметките им е регистрирана реалната потрошувачка. Се разбира секој кој ќе забележи разлика во состојбите на броилото и на сметките во секој момент може да побара корекција на сметка. Во никој случај корисниците нема да бидат оштетени или пак да ја авансираат ЕВН. Никогаш на корисниците нема да им биде наплатено повеќе од она што реално го имаат потрошено. – се вели во соопштението на ЕВН.
OhridNews