Во Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ЕВН Македонија отвори нова читалница. Оваа донација е продолжение на проектот на ЕВН Македонија за поддршка на македонската литература и творештво и за поттикнување на читачките навики.
Еднаш неделно во читалницата ќе се одвиваат едукативни работилници за младата популација на возраст од 6 до 14 години, кои ќе ги спроведува асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“ во соработка со ИНКА, (Иницијатива за независен културен активизам). Интенцијата е преку неконвенционални методи да им се доближи книгата на учениците, притоа тргнувајќи од индивидуалните потреби и капацитети на децата. Тимот едукатори ќе настојува навиката за читање да ја подобри преку низа техники, кои ги опфаќаат социјалниот аспект, но и интеркултурната димензија вклучувајќи ученици од различни етнички групи.
-Идејата за поддршка на развојот на читачките навики почна со проектот „Создади книга” во рамки на кој успеавме да издадеме три збирки раскази од 14 различни автори. Одличните реакции за проектот ни дадоа поттик да придонесеме уште повеќе во овој домен, и така се роди идејата да опфатиме поширок спектар на активности и да вклучиме повеќе граѓани, од најмлади до возрасни, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.
Читалницата беше дизајнирана и изготвена од компанијата „Делигхт“, со искуствата на светскиот лидер „Стеелцасе“, кои креираат училишни простори адаптирани за децата да научат како да дојдат до неопходните информации наместо да ги меморираат истите.
Ваков тип читалница во март беше отврена и во ОУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром, во Скопје, а во периодов што следи ваков простор ќе им биде достапен и на битолчани, во Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“.
OhridNews