ЕВН Македонија денеска соопшти дека е принудена правдата да ја бара пред Меѓународна арбитража поради судската пресуда за спорот со државната компанија ЕЛЕМ.

– Со оглед на фактот дека во текот на судската постапка не добивме фер третман, а тенденциозно беа отфрлени сите релевантни докази, ЕВН, за жал, е принудена правдата да ја бара на Меѓународна арбитража во Вашингтон (САД), стои меѓу другото во соопштението од ЕВН.

Од ЕВН велат дека компанијата е принудена да ја оспори, како што се наведува, скандалозната судска пресуда, со која на компанијата и се наметнуваат непостоечки обврски и дека одговорноста за последиците ја сноси Владата на РМ која го поставила менаџментот во државната компанија ЕЛЕМ.

Од компанијата објаснуваат дека бараната сума за отштета од ЕЛЕМ од близу 200 милиони евра, е поголема од вкупните средства на ЕВН, што материјално би резултирало во ренационализација на компанијата. Тоа е спротивно на условите од меѓународниот тендер на кој Владата го продаде ЕСМ со затворен долг кон ЕЛЕМ, како и на Анекс договорот помеѓу ЕЛЕМ и ЕСМ склучен пред приватизацијата со кој се регулирани обврските меѓу двете компании, стои во соопштението на ЕВН Македонија.

Ohridnews