МЈП „Проаква“, денеска околу 12:30ч. остана без  електрична енергија во управните згради во Охрид и Струга, а исклучени се и  бунарите над Билјанини извори. ЕВН ја исклучи струјата на јавното претпријатие откако двете страни не постигнаа договор за сервисирање на долгот од 1 милион евра.


Управната зграда на „Проаква“ во Охрид остана без струја

ЕВН не ги прифати понудите на градоначалниците на Охрид и Струга за подмирување на долгот и ја исклучи струјата во управната зграда и бунарите над Билјанини извори, изјави за Ohridnews, првиот човек на „Проаква“, Бранко Трпчески. На средбата со претставниците на ЕВН  што вчера се одржа во Скопје било понудено „Проаква“ да плати 300.000 евра од долгот, а остатокот ОД 700.000 евра да се компензира со остастапување на 15 општински трафостаници на ЕВН. Сеуште немаме повратен одговор на ваквиот предлог, рече Трпчески. Тој најави дека „Проаква“ заедно со општините Охрид и Струга ќе преземе мерки за заштита на имотот во кој спаѓаат и посочените 15 трафостаници за кои локалните самоуправи тврдат дека се нивна сопственост. Доколку ЕВН сака да стопанисува со нив ќе мора да плати кирија или да изгради сопствени, рече Трпчески.

Директорот на јавното претпријатие посочи дека 90% од долгот кон ЕВН се однесува на потрошена електрична енергија за колекторот за заштота на Охридското Езеро кој е од државен интерес, но владата не партиципира во подмирувањето на трошоците. Трпчески информираше дека во моментов „Проаква“ има ненаплатен долг за потрошена вода  од 4 милиони евра, од што половината отпаѓа на граѓаните. Со таков однос кон водата како општо добро не можеме да очекуваме дека ќе немаме вакви проблеми, рече Трпчески.

Тој  не знаеше колку долго „Проаква“ ќе биде без струја но доколку тоа потрае може да падне притисокот во пумпите и да престане водоснабдувањето на градот. Сепак  Трпчески очекува дека ќе  се изнајде решение за проблемот и нема да дојде до такво нешто.

Во меѓувреме „Проаква“ продолжи со исклучување на должниците. По студентскиот дом, центарот за култура и Македонија пат, без вода остана и управната зграда и механизацијата на општата  болница.

Горан Момироски