Минатогодишниот победник на Охридскиот пливачки маратон, Евгениј Поп Ацев во Cuba Libre beach&bar со најблиските се одмара и подготвува за маратонот кој в сабота по јубилеен 30-ти пат ќе се одржи во водите од Охридското езеро.
Поп Ацев веќе неколку дена престојува во Охрид и со претпладневни тренинзи на градскиот базен ја темпира формата за настапот кој го очекува в сабота.
– Ќе направам се да го обранам тронот во Охрид на кој се искачив минатата година. Иако конкуренцијата не како претходните години, квалитетот воопшто не изостанува. И годинава подеднакво ќе биде тешко како и минатата година. Лично за мене важно е да имам добар настап, да ме послужи здравјето и да имаме мирно езеро. – рече Поп Ацев.
Тој чувствува притисок како и обично пред секое учество на Охридскиот пливачки маратон. – Притисокот е нормален односно како и обично, но обврската пред мене, охриѓани и македонската јавноста е голема. Знам дека очекуваат многу, исто и јас, а се надевам дека нема да разочарам. – додаде минатогодишниот победник.
Сезонава само три трки се дел од Гран при серијата на ФИНА, а Охридскиот пливачки маратон е втор на програмата.
– Оваа година драстично се намали бројот на Гран при трките. Дел од причините се природни услови на кои не може да влијае човекот, а дел од финансиски. Во Аргентина имаше поплави малку пред одржувањето на маратонот, а во Мексико организаторите се соочија со финансиска криза. Од ФИНА најавија дека следната година ќе воведат нови трки, а дел од старите ќе се вратат и ќе се стигне до десет маратони. – заврши Поп Ацев.
Тој се наоѓа на петтото место на табелата во Гран при трките. Како лидер во генаралниот пласман во Охрид ќе започне Италијанецот, Сточино Едоардо, а второпласиран на табелата е искусниот пливач, Томи Стефаноски.
Се е подготвено за јубилејното 30-то издание на Охридскиот пливачки маратон
Мх.П.