ЗА ЕДНА ПОМАЛКУ ПОЗНАТА КНИГА ОД ЕДЕН МНОГУ ПОЗНАТ АВТОР
ОВА Е МАКЕДОНИЈА
„Во Југославија човек се заљубува два пати:
прво во земјата, а потоа, и засекогаш, во луѓето“ – А. ден Долард
Во 1957 година амстердамската издавачка куќа „Контакт“ (Contact) ја издаде книгата „Ова е Југославија“ (Dit is Joegoslavië). Таа е дел од една поголема серија патописни книги посветени на некои од европските земји и градови кои во тоа време се привлечни одредишта за холандските туристи. Книгата е дело на двајца Холанѓани, долгогодишни лични пријатели и соработници кои меѓу другото ја споделуваат и љубовта кон патувањето и фотографирањето. Автор на фотографиите е Кас Ортуис (Cas Oorthuys), а текстот е на А. ден Долард (A. den Doolaard).
Според изборот на фотографиите и формата на текстот, книгата е воопштен патопис со единствена намена да послужи како средство за информирање, и не помалку, за привлекување на вниманието на холандската јавност кон Југославија. „Ова е Југославија“ содржи 96 страници на кои доминираат фотографиите, сите во црно-бела техника. Иако застапен на помал простор, текстот не е за занемарување. Со малку и добро одбрани зборови, авторот ја раскажува приказната за тогашната социјалистичка и федеративна Југославија, претставувајќи ги сите нејзини делови со основните природни и културни особености.
Приказната за Југославија авторите ја започнуваат на север и водени од принципите на географската местоположба ја довршуваат на југ, во (тогаш: Народна) Република Македонија. Да се потсетиме: Република Македонија со својата територија и население претставуваше една десетина од тогашната федерација, па во оваа книга добила рамноправен однос. Случајно или намерно, нејзе и се посветени цели 9 страници; тоа е близу една десетина од вкупниот обем на книгата. Очигледно и изборот на фотографии не е случаен. Сите осум фотографии ги прикажуваат основните карактеристики на македонската земја. Првата фотографија во делот за Македонија прикажува селанец во воловска запрега со карпеста позадина, додека во почетокот на писмениот опис одекнуваат зборовите на ден Долард: „Macedonië is bergland“ (Македонија е планинска земја). Во тоа време мнозинството македонско население живее во селата, на традиционален, би се рекло дури и на еден многу примитивен начин, па на фотографиите гледаме селски дом пред кој жена црпи вода од бунар; друга жена на главата носи лулка со бебе; луѓето се облечени во традиционалните народни носии …
Наспроти ограничувањата кои ги наметнува малиот обем на книгата (мал број страници, џебен формат, краток текст), ден Долард успева во еден здив да ја прикаже целосната слика за Македонија, како земја на природни убавини и со долга, богата историја.
„Токму од овде Алексанадар Велики тргна во својот смел поход кон Индија. Виа Игнација, трговскиот пат од царскиот Рим кон Визант, минуваше низ јужна Македонија, покрај Охрид, кој во својот музеј ги чува старите милјокази.” (A. den Doolaard, Cas Oorthuys; Dit is Joegoslavië, Contact, Amsterdam, 1957, стр. 88)
И во оваа книга ден Долард недвосмилено ја потврдува главната одлика на Македонија по која ја препознаваат во Европа и пошироко во светот:
„Македонија отсекогаш е смеса од народи и крстопат на култури.“ (A. den Doolaard, Cas Oorthuys; Dit is Joegoslavië, Contact, Amsterdam, 1957, стр. 88)
При секое претставување на Македонија, се чини, неодминливо е присуството на Охрид. Во оваа книга тој е застапен на две страници, со две фотографии: една тесна стрмна уличка во стариот град (денешната улица „Методија Патчев“) и исто така неодминливата црква „Св. Јован Богослов“ во рибарската населба Канево.
Со неколку кратки реченици, авторот се обидел да даде што посодржаен опис на градот и неговото значење:
„Охрид, голем центар на религијата и науката, во средните векови имаше десетици православни цркви. Денес постојат околу десетина. Православните монаси за своето побожно домување свесно избираа чист поглед. Оттука и неспоредливата местоположба на манастирот од 14-тиот век „Св. Јован Богослов“, на една висока карпа над широкото планинско езеро.“ (A. den Doolaard, Cas Oorthuys; Dit is Joegoslavië, Contact, Amsterdam, 1957, стр. 95)
Издавањето на книгата веројатно имало некаков удел во будењето на интересот на холандската јавност кон Југославија, со тоа и кон Македонија. Сепак, таа не можела долго да го задржува вниманието на холандскиот читател. Во истото време, а многу повеќе подоцна, се појавуваат многубројни слични изданија, поради што оваа книга многу брзо паѓа во заборав. Подоцна, со исчезнувањето на Југославија, книгата добива улога на архивски материјал со чисто документарно значење. Наспроти ваквата судбина на книгата, можеме да веруваме дека таа сепак помогнала Македонија и Охрид да се врежат во помнењето на нејзините читатели. Во тоа би се состоел нејзиниот најголем придонес за развојот на холандско – македонските односи.
„Ова е Југославија“ не можела да одигра значајна улога во развојот на туризмот и поради тоа што во времето на нејзиното појавување патувањето во Македонија било, најмногу и пред сè, за авантуристи. Патиштата биле лоши дури и меѓу најголемите населени места, додека најубавите планински предели биле пристапни само пеш. Недостасувале хотели, ресторани и многу други услуги. Сеќавањето на тешкото минато се надоврзувало на тешкотиите на тогашниот живот.
„Пред едно поколение Македонија беше синоним за маларија и неписменост. Оттогаш има движење нанапред и маларијата е целосно искоренета. Сепак животот се движи побавно отколку на други места.“ (A. den Doolaard, Cas Oorthuys; Dit is Joegoslavië, Contact, Amsterdam, 1957, стр. 88)
Подобри услови се создаваат во шеесеттите години. Тогаш значително се подобрува инфраструктурата, а омекнува и политичкиот систем во Југославија. Во такви услови започнува да се зголемува бројот на туѓоземните посетители на Македонија. Меѓу нив, со својата бројност се истакнуваат холандските посетители кои во 70-тите и 80-тите години на 20-тиот век имаат најзабележливо присуство, особено околу Охридското Езеро.
Масовното присуство на Холанѓаните во Охрид и цврстите холандско-македонски врски водат до подигнувањето на првиот Холандски парк во Македонија. Свечено е отворен на 11 мај 1975 година, во месноста Горица покрај некогашниот хотел „Парк“, на брегот на Охридското Езеро. Тогаш се засадени бројни лалиња, кои како еден од симболите на Холандија и во знак на пријателство ги дарува холандскиот град Катвејк (Katwijk). Со тек на времето цвеќињата исчезнуваат, но никогаш не исчезнува споменот и триесет години подоцна паркот е обновен. Новиот холандски парк е отворен во градот Охрид, во 2006 година. Тоа што сега тука се наоѓа првиот споменик за А. ден Долард воопшто не е случајност! Зашто за честото и бројно присуство на Холанѓаните во Охрид голема заслуга има промотивната дејност на овој Холанѓанец кој со десетлетија ги посетуваше и опишуваше убавините на градот.