И покрај актуелните политички случувања, летото е време кое асоцира на плажа, сончање, капење, забава и одмор. OhridNews ги запраша охридските политичари, како го поминуваат летниот одмор, дали биле или планираат да одат на летување.

Пратеникот во Собранитето на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Сашо Василевски вели дека својот годишен одмор ќе го помине во Охрид.

-Оваа година одморот ќе го поминам во Охрид, не планирам патување во странство. Имено август ќе ми биде месец на дружење со дел од моето семејство кое доаѓа од САД. Останатото време од годишниот одмор ќе го искористам за да му се препуштам на убавините на мојот град Охрид, со моите сограѓани и да ја пополнам празнината која ја чувствувам, затоа што во текот на работните седмици имам обврски во Парламентот на Република Македонија. Охрид е убав и единствен во светот, а благодарение на ангажманот на локалната самоуправа сега е чист и уреден град кој секогаш е успешен домаќин и пружа незаборавен одмор, вели Василевски

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев вели дека оваа година поради актуелната политичка состојба во Македонија нема да замине на летување.

-Од 17-ти мај наваму јас „летувам“ во Кампот на слободата, пред Владата на Република Македонија, во рамките на активностите на здружената опозиција и коалицијата „Граѓаните за Македонија“. Со оглед на неизвесноста во развојот на настаните околу решавањето на длабоката политичка криза во државата, оваа година нема да има класично летување, односно летово ќе помине без патување и престој во некоја од туристичките дестинации. Слободното време во текот на летните денови планирам да го поминам во Охрид, со семејството, пријателите, соработниците и бројните гости. Иако практично е невозможно дома да се организира и „истурка“ класичен летен одмор, сепак ние охриѓаните сме повластени и среќни во тој поглед, затоа што Охрид е еден од најатрактивните туристички центри во регионот. Сакам да верувам дека оваа летна сезона бројните недостатоци и пропусти од комуналната, сообраќајната и еколошката сфера ќе бидат отстранети и надминати, така што и жителите на Охрид конечно да бидат во можност да ги уживаат благодетите на ова наше бесценето и неповторливо природно, културно и историско наследство, изјави Тунтев.

Претставникот на ВМРО-НП во Советот на општина Охрид, Јоне Станкоски исто како и претходните соговорници, планира својот летен одмор да го помине во Охрид.

-Ова лето со сопругата и синот поголемиот дел од одморот ќе го поминиме во Охрид посетувајки ја нашата омилена и се уште „недопрена“ плажа во Љубаништа такашто не планираме да одиме некаде надвор од државата. Можеби во втората половина на август ќе одиме на неколку дена во семејната куќа на Преспанското Езеро, а оттаму уште некој ден на прошетка по Малешевијата и посета на нашите преубави Македонски манастири во тој дел на Македонија, вели Станкоски.

Советничката на НСДП во Советот на општина Охрид Верица Хајба вели дека веќе искористила дел од својот годишен одмор.

 -Дел од мојот одмор го искористив на почетокот од јуни. Заедно со моето семејство поминавме прекрасни денови посетувајќи неколку Европски градови. Живеењето во Охрид ми овозможува секојдневно своето слободно време да го поминам покрај убавите езерски води. Викендите сакам да ги поминам во долги прошетки низ нашите околни планини. Пешачењата низ Галичица и Јабланица ме релаксираат и се вистински одмор од летните горештини и гужви, изјави Хајба.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски ни одговори дека својот летен одмор планира да го помине на планината Јабланица.

-После година на интензивни активности и локални и посебно меѓународни, планирам годишен одмор кој најверојатно во најголем дел ќе го искористам  со семејството во Горна Белица на планината Јабланица, полнејќи батерии за претстојните активности. Горна Белица е извонредно планинско место на околу 1350 метри надморска висина, со патеки за планинарење, чист воздух и извори, кое треба почесто да се искористува и во туристички цели, оддалечено само половина час возење со автомобил од Охрид, вели Пановски.

Советничката на СДСМ Жаклина Лазаревска планира својот летен одмор да го помине во кругот на своето семејство.

Ова лето планирам да го поминам во кругот на семејството во Охрид. Со нетрпение очекувам мојот помал син да се врати од Романија, каде беше на размена на студенти по информатика преку програмата ЕРАЗМУС на кого дефинитивно му остана уште предавањето и бранењето на Дипломската работа, а тоа како родител за мене има предност и секако ми го диктира планирањето на активностите и да бидам искрена е целокупната моја преокупација за летово. Планирам евентуално во август, 7 дневен престој со мојот сопруг  во сопствена режија  на Јонско Море, а од приликите кај јужниот сосед зависи дали ќе биде во Албанскиот или Грчкиот дел, ни одговори Лазаревска.

Советикот на ЛДП во Советот на општина Охрид Дејан Блажевски изјави дека поради актуелната политичка состојба во Македонија не планира годишен одмор.

-Имајќи предвид дека нашата земја се наоѓа во една сериозна политичка, безбедносна и економска криза сметам дека е несериозно како носители на јавни функции да зборуваме за годишен одмор, додека голем дел од граѓаните како наши поддржувачи се наоѓаат пред Владата, барајќи оставка од Премиерот. Денес не е Мај, кога сум гаел надеж, нити јуни кога ми се намалија очекувањата. Денес е Јули, тежок за граѓаните на оваа земја. Еден од најтешките. Се извинувам за политичката конотација во одговорот на ова прашање но, сметам дека мојата професија политичар, веројатно и заради тоа ми беше поставено, не ми дозволува да ја релативизирам состојбата со популистички изјави од типот: ‘Jас сум влубеник во Охрид и тука останувам ‘. Тоа и сум, но изјавите од тој тип нема да ги вратат откажаните аранжмани и обештетат загубите на туристичките и угостителските работници, во крајна линија на сите, изјави Блажевски.

Прашањето „Каде ќе го поминат своето летување“ во текот на минатата седмица го испративме и до уште неколку охридски политичари, советници, пратеници и локални фукционери, но не добивме одговори.

Е.М