Целосна евакуација на патничкиот терминал на меѓународниот аеродром Модлин во близина на полската престолнина Варшава е извршена синоќа по 22 часот по локално време, објави аеродромската служба за односи со јавноста, а според првичните сознанија станува збор за сомнителен багаж оставен, пренесува „Макфакс“.
„Ја потврдувам информацијата за целосна евакуација на патничкиот терминал“, изјавила за новинарите портпаролката на аеродромот Магдалена Бојарска, без да ги наведе причините за преземената мерка.
Според првичните информации, одлуката за евакуација на аеродромската зграда била донесена поради багаж кој бил оставен без надзор. Според друга верзија, пак, во еден од авионите е пронајден сомнителен товар, пренесува телевизијата TVN24.
Како што е соопштено на официјалниот акаунт на аеродромот на Twitter, во врска со евакуацијата четири летови, од Даблин, Бергамо, Гдањск и Шанон биле пренасочени за слетување на варшавскиот аеродром „Фредерик Шопен“. Истовремено се појаснува дека во врска со настанот се води „стандардна безбедносна проверка“.
Аеродромот Модлин беше евакуиран и на 30-ти декември 2015 година, откако беше примена телефонска закана за подметната бомба и, исто така, беше откриен сомнителен багаж во терминалот.
Отворен во 2012 година, Модлин е вториот патнички аеродром во близина на Варшава низ кој минуваат меѓу 4.000 и 7.000 патници дневно, главно со нискобуџетната авиокомпанија „Ryanair“ кои летаат, меѓу другите, главно кон лондонски Станстед, париски Беуве и бриселски Шарлероа.
OhridNews
извор: „Макфакс“