Главната железничка станица во американската престолнина Вашингтон (Union Statio), евакуирана е поради закана со бомба, јавуваатѕ американските медиуми повикувајќи се на полициски извори, пренесува „Макфакс“.

„Добивме закана со бомба“, изјавил за Reuters полициски офицер кој сакал да остане анонимен. Рекол и дека ги повикале луѓето да ја напуштат станицата, која се наоѓа во центарот на Вашингтон, во близина на Капитол.

На социјалните мрежи се наведува дека во салонот на станицата е откриен сомнителен пакет.

Полицијата, пак, во северозападниот германски град Бремен вчера доцна попладне го евакуираше локалниот трговски центар и соопшти дека трага по 19-годишен Алжирец кој се заканувал со експлозија и наводно претходно во текот на денот побегнал од психијатриска установа, но истакнува дека „не станува збор за антитерористичка операција“. 

Претходно весникот Bild, повикувајќи се на полициски извори, извести дека во Бремен се спроведува антитерористичка операција. 

„Нема докази од каква и да е опасност, и ова не е антитерористичка операција“, соопшти портпаролката на полицијата додавајќи дека лицето по кое се трага не е никако поврзано со Исламската држава. Таа за агенцијата Reuters рекла дека трговскиот центар е испразнет од луѓето и дека осомничениот и натаму е на слобода.

Посетителите на трговскиот центар во Бремен биле евакуирани поради опасноста којашто ја претставувал побегнатиот доселеник од Алжир од психијатриска институција во германската федерална земја Долна Саксонија. Сепак, пред трговскиот центар се распоредени припадници на специјалните сили.

Според медиумите, не постојат докази дека лицето планирало напад однапред. Сепак, потенцијалниот злосторник, кого полицајците сé уште го бараат низ трговскиот центар, неколку поти во минатото се обидел да се самоповреди и користел наркотици.

OhridNews
извор: „Макфакс“