Јужноафриканските власти планираат да евакуираат неколку стотини носорози од природниот парк Кругер, во кој во првите шест месеци од оваа година биле убиени 370. Одлуката е мотивирана од желбата овие величенствени животни да се заштитат од ловокрадците кои се причина за нивното десеткување. Јужноафриканската министерка за екологија Една Молева ја потврдила оваа намера на властите носорозите да ги префрлат во други, побезбедни резервати во земјата, но и во странство. Еден од научниците при Јужноафриканските национални паркови рекол дека ќе можат да иселат до 500 носорози.
Директорот на ветеринарната служба Маркус Хофмејер рекол дека планираат да уловуваат шест до осум животни дневно за време на зимските месеци, додавајќи дека операцијата за фаќање на еден носорог чини околу 1000 евра без трошоците за превоз. Цената на оваа акција може да биде и многу поголема доколу треба да се користи хеликоптер како би се лоцирало животното. За време на последниот попис во 2013 година, во паркот Кругер, кој е со големина на една Белгија, живееле помеѓу 8400 и 9600 носорози. Јужна Африка досега распределила илјадници војници во паркот како би ги спречила ловокрадците. Меѓутоа, размерите на масакрот се толкави што владата била приморана да размислува и за други мерки, како што е користење на тајната служба како би се инфилтрирала и раскинала мрежата на ловокрадците.