Ракометарите на Еурофарм Пелистер триумфираа во Супер купот што се одигра вечерва во исполнетата сала “Билјанини извори” во Охрид. Во драматичен и неизвесен натпревар тие славеа над Вардар 23:22, полувреме 12:12.
Мечот беше цврст и полн со пресврти. Двете екипи имаа свои моменти, но по првото полувреме никој не оствари предност.
По одморот пелистерци отворија подобро и со серија од 3:0 поведоа 15:12. Вардар возврати до серија 5:0 и го презеде водството 17:15. Пелистер не падна и со два гола израмни на 17:17.
Расположениот Талески во нападот и Борко на голот го вратија Вардар во водство. Во финишот вардарци имаа и +2, но упорните битолчани најпрвин израмнија на 22:22, а потоа и поведоа 23:22. Вардар го имаше последниот напад во кој не реализира, по што почна славјето на зелено – белите.
Посебен шмек на Супер купот му дадоа навивачките групи Чкембари и Комити, кои ја вжештија атмосферата до максимум.
ГРК Охрид беше одличен домаќин, а организацијата мина без проблеми. На трибините, освен симпатизерите на двата клуба можеа да се видат многу познати лица од спортот и јавниот живот.
Пред почетокот на Супер купот градоначалникот на Охрид во име на Ракометната федерација им врачи признанија на судиите Начевски и Николов, како и на истакнатите спортски работници Металург и Драган Начевски, кои заминуваат во пензија.
Следува фото галерија.
Г.М.