Размислував деновиве , како во рекламата на ВИП: дали да пишувам или да се јавам. Ќе пишувам? Не. Ќе се јавам? Не , ќе пишувам! Сеедно е, си велам , и така , иако има кој да ме слуша и кој да ме чита, нема којзнае што да промени моето размислување, ама , ете, не можам да се воздржам, а да не речам, или што вели нашиот народ: ќе пукнам ако не кажам. Токму затоа , пак сум овде, да напишам нешто од она што го размислувам. А за размислување и сами знаете, има и премногу. А, кога има премногу за размислување, значи дека премногу не чини, или, подобро речено, премногу не нѝ чини. Како ,што не нѝ чини? Па, државата! Како, која држава? Па, оваа ! Која оваа? Има ли име? Има, ама сакаат да го променнат… И врти- сучи, пак за името. Додуша, не за името, размислувам за Европската Унија, за ЕУ, ама кога размислувам за ЕУ, тоа ме тера ,и тоа под притисок, да мислам на моето име, на името на мојата земја. На македонското во Македонецот од Македонија. Размислувам и препорачувам да не се брза со името пред Седми Декември, оти “брза кучка слепи ги раѓа”. Иако, очигледно,од сите страни ме напаѓа Европа, со сите европолитички и политикантски оружја вперени токму во моето име, во мојот македонски идентитет. Им пречи моето име и не само на Грците и не само сега. Одамна, од пред Христа, од пред Александара. Им пречиме на Грците, ние, хероите од Херонеја, зашто со нашето постоење како Македонци, ним им се зголемува фрустрацијата ,и им се намалува либидото … Оттогаш , од 338 п.н.е, низ вековите потоа , Грците вековно се криеја; молчешкум се одрекуваа и се заколнуваа против Филип и Александар сè до 1991 година , кога ние се востоличивме во самостојна и суверена ( не: северна!)
Република Македонија. А, тогаш, тие, Грците, од 1991 година , ги прекрстија сите топоними во македонско и Македонија. Насекаде во Егејска Македонија , почнувајќи од Солун, се глорифицираа како живи потомци на Александара; формираа посебно министерство за Егејска Македонија. Се залетаа да го прославуваат Александар Македонски и Македонија и ги натераа и европ(л)ратениците да ни забранат да се нарекуваме Македонци , да ни забранат да именуваме улици, аеродроми и стадиони по името на нашите предци. За тие, вечните непријатели на Александар и Филип да можат да го монополизираат нашето име. А ние, вакви какви што сме (никакви патриоти!) им дозволивме да го постават на пазар нашето име, нашата суштественост, нашата срж. Ни измислуваа дека имаме територијални претензии и поради тоа ние(кутрите) го сменивме уставот, го сменивме знамето, го сменивме името…Им дозволивме да ни влезат во интимата , во приватноста и уште да ни кажуваат колку сме биле дрски што сèуште се викаме Македонци. Притисокот и денес расте. Расте таа ЕУ- тензија од“европјаните” кон нас со обид да не внесат жедни преку вода до брегот на ЕУ. А дотогаш, до тоа влегување нè делат преговори за датуми, па датуми за преговори, па преговори и договори за нови датуми , за нови реформи и промени, па други постојани мониторинзи и притисоци. Ќе влеземе и ние некогаш во Европската Унија, некогаш после најрано 7-8 години, а дотогаш можеби ќе биде и сеедно, зашто со оваа и ваква ЕУ – тензија побрзо ќе стигнеме до својата ЕУ -таназија!!! Колку пак ќе биде безболно нашето себеодрекување и себеубивање, ќе го осетиме според времетраењето на агонијата. А агонијата веќе ни трае колку што ни трае и транзицијата. Цело полнолетство години се зад нас, а ние сèуште се транзитираме и се трансформираме од позиција во опозиција; од опозиција во позиција и секојдневно со години транзитираме и еутаназираме , доброволно поддавајќи им се на евро и еу шетачите , на олеснувачите и како уште ги нарекуваат нашите, се појасни и поразобличени европоседници, пардон, посредници, кои не се кадри ни дома им да си ги решат проблемите, а се прават кадри нам да ни го решат. Но, за жал, успеваат,”решавајќи” ни некој проблем, од секое решение да направат нов проблем и ново етно барање, нова и сè побројна мултикулти администрација која ќе мора со себе да си води и свој преведувач за да се разбере со Македонците. А Македонците, со слушалки на ушите принудени се сè и сèшто и од секого секојдневно да слушаат и да извршуваат пополнувајќи им ја агендата на тие разноразни светски и белосветски наводни мисионери.
Доаѓа декември и седмиот ден до кој со некого треба да се сретнеме; нешто треба да потпишеме и да попуштиме; од нешто да се откажеме. Само да не е први декември , оти на тој датум еднаш се откажавме од себеси и влеговме како Вардарска Бановина во Кралството чие што седиште беше во белиот град северно од Македонија. Вториот пат се одрековме од себеси и се нарековме фиромска земја. Овојпат,се подготвува (?) некое друго име со некаква друга географска одредница. Па нели и Македонија е географска одредница. Нели оваа земја ја наследивме токму од Македонците кои со милениуми живееле во овој географски простор наречен Македонија?! Тогаш, чуму друго име, друга одредница? Трето ли себеодрекување?! Кој ќе биде новиот Петар кој по трет пат од страв ќе се одрекне од Библиска Македонија, и кој ќе биде новиот Јуда Искариотски кој за ревалоризирани триесет сребреници или за грст долари ќе не прегрнува и бакнува со патриотизам за да не продаде и предаде. И пак ќе речам: Кој ни дал право нам, на минливите и привремени Македонци да им го одземеме името и идентитетот на Вечните Македонци пред нас и по нас и на Нивната вечна земја Македонија?! …Да се одлучи човек на обезимување, на обезличување, тоа е доброволна смрт. Еутаназија поради некаква си еу-претензија или уште полошо, еу-тензија. Дозволувањето на доброволна смрт, тоа е исто така убиство на од Бога дадениот Живот , тоа е предавство не само кон предците, ами многу повеќе кон потомците , кон децата и внуците на кои треба и мора да им оставиме Крстеница и Извод на Родени со нашиот Грб, со Нашето Име и со Сите Наши Белези – македонски, се разбира! Сè што ќе се случи поинаку,освен Македонија , сè ќе биде велепредавство и сè ќе биде непростен грев за кој Вечноста и Историјата ќе им судат на, засега, Непознатите Сторители на Делото! …Европа очигледно не може да чека. Нејзе ѝ се брза. Да, нејзе, на Европа ѝ се брза. Да го затвори прашањето , но МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ, а со тоа да ги затвори или да ги избрише трагите на македонските корени ,артефактите на македонското милениумско постоење. Зашто, ако беше подемократска и искрена Европа, ќе стореше нешто во врска со кршењето на најдемократското Право : Секој Народ да се именува според своите чувства, по свој избор. Да беше поинаку и поскрена Европа, ќе го сменеше фаталниот Консензус за сè и сèшто , па дури и за вака Свети Национални Прашања, и ќе ја подучеше својата разгалена ќерка Грција да не се сопнува на раска , туку прво да си ја извади гредата од своите очи и да ја здогледа Вистинската Вистина: Постоењето на Македонци кои живеат во Македонија и зборуваат на посебен – македонски јазик! Да беше поинаква и поискрена Европа, Македонија одамна ќе беше нејзина членка.За ваква Европа во која место демократија се признаваат и се нудат уцени, предлагам да не се туркаме. Има во светот и други можности и други места под Сонцето. Сигурно има, зашто, во спротивно – против кого и зошто би се обединувала Европа?! Засега само е јасно оти е обединета во ставот за името против нас Македонците и против Македонија! Е, за таква Европа – не, благодарам ! Овие мои 25 илјади километри квадратни се древнонмакедонски и цената за нив е : ПРАВДА, А НЕ КОНСЕНЗУС! ДЕМОКРАТИЈА , А НЕ УЦЕНА!
П.С. Предлагам,новата европска власт : претседателот , министерот за надворешни работи и сите еумисионери да се изјаснат лично и поединечно зошто се солидаризираат со Грција, по однос на нашето име : Република Македонија?! Мислам, која е цената, поради која ја прекршуваат и Демократијата и Вистината и Правдата!? Елшани, 23 ноември
Дим Дон, еден од Вас
Авторот е претседателна Здружението на граѓани
РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА
Изнесеното во рубриката Писма, ставови и Колумни се лични, а не ставови на редакцијата на „Ohridnews“ и таа
не сноси одговорност за содржината на текстовите во оваа рубрика.
Од редакцијата