„Вашите претци не ви го оставија градот Охрид, ниту Охридското Езеро за вие да ги уништите, туку да ги оставите за идните генерации.“ Оваа силна порака ја упати Амбасадорот на Европската унија во земјата Самуел Жбогар при вчерашната работна посета на Охрид. Тој во придружба на градоначалникот Георгиески направи обиколка на плажите каде изминатиот период се спроведуваат активности за отстранување на урбана опрема и конструкции од крајбрежјето согласно Планот за управување со Охридскиот регион, што е дел од обврските за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид заштитено од УНЕСКО.
Ова прашање е директно поврзано со владеењето на правото, што е едно од најголемите и најсветите вредности на ЕУ и поради тоа очекуваме од земја која што ќе започне преговори за членство во Унијата да ги споделува истите вредности, рече евроамбасадорот Жбогар, изразувајќи поддршка на градоначалникот и Општината Охрид во напорите за спроведување на законите против нелегални градби и деградацијата на крајбрежјето.
Разбирам дека има поединци во Охрид и околината кои што не веруваат дека статусот во УНЕСКО носи дополнителна вредност за градот. Но, во разговорот со градоначалникот зборувавме да се изготви Стратегија за развој на туризмот. Ние не само што ќе помогнеме во нејзината изработка, туку ќе ве подржиме и во нејзиното спроведување. Целта е да се привлечат повеќе туристи кои ќе престојуваат подолго, ќе се трошат повеќе пари, туристичката сезона ќе трае подолго, а локалното население нема да мигрира. – порача Жбогар.
Градоначалникот на Охрид изрзи задоволство што локалната и централна власт добива поддршка лично од амбасадорот на ЕУ во делот на управувањето со крајбрежјето на Охридското Езеро и зачувување на природното и културното наследство на регионот. Тој побара подршка и од охриѓани за, како што рече, справување со самоволието и импровизациите кои се случувале во минатото.
Го разбирам интересот на јавноста и на медиумите во врска со сите актуелни прашања деновиве, но со должна почит, би сакал да упатам еден јавен апел до сите охриѓани, до сите засегнати страни во целокупниот процес, да покажат поголемо разбирање и да дадат поддршка на мерките кои се спроведуваат и кои се во насока на сопирање на самоволието и импровизациите кои се случувале со години наназад. Даваме максимални напори да ја поправиме целокупната слика, која години наназад му нанесе големи штети на целокупниот имиџ на охридскиот туризам, а најмногу во строго заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро. Треба сите да сфатиме дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има. истакна градоначалникот Георгиески.
Георгиески уште еднаш ја потенцираше важноста на процесот за сопирање на деградацијата на уникатните вредности на регионот, во насока на зачувување и заштита на духовното и материјално наследство за идните генерации и обезбедување на подобри услови за развој на туризмот во Охрид.
Г.М.