Министерскиот Совет на ЕУ за внатрешни работи и правда во Луксембург не донесе одлука за суспензија на безвизниот режим за Македонија и Србија.

„Ние не предвидовме суспензија на (безвизниот режим). Механизмот за суспензија беше разгледуван денеска, но не во овој контекст. Суспензијата ќе се прави во специфични услови, утврдени од Комисијата, што ќе се најде во законодавството за визите, како заштитна клаузула“, нагласи европската комесарка за внатрешни работи Сесилиа Малмстром, јави Дојче веле.

Имено според документот на Европската комисија, разгледуван во Луксембург, за враќање на визите може да одлучи во три случаи: ако во период од шест месеци, една земја на ЕУ констатира зголемување од 50 проценти на баратели од азил, или пак зголемување за 50 проценти на илегалци или пак 50 насто повеќе реадмисии за една иста земја.

Малмстром пред новинарите нагласи дека за случајот на Македонија и Србија денеска се водеше долга дискусија на Советот за внатрешни работи и правда на ЕУ овде во Луксембург.

„Јасно е дека постои вистински напредок постигнат од овие земји во повеќе погледи, но сепак сè уште постојат огромен број на баратели на азил кои доаѓаат посебно од Поранешната југословенска република Македонија и од Србија. Некои земји  изразија загриженост и за ова прашање ќе расправаме и за време на полското претседателство со ЕУ“,  рече Малмстром.

Таа притоа појасни дека помалку од 1% од поднесените барања се прифатени од земјите членки на ЕУ, инсистирајќи на фактот дека најголемиот број од барателите доаѓаат од ромската заедница, кои живеат во многу тешки животни услови, кои треба да бидат подобрени но тоа не се прави преку ноќ.

„За таа цел се потребни ангажирања на земјите во кои живеат преку информативни кампањи и конкретни акции“, рече еврокомесарката, пренесува Дојче веле.

OhridNews
извор: „Макфакс“