Министрите за европски прашања денеска се состануваат во рамките на Советот за општи работи за да го подготват ЕУ самитот кој ќе се одржи вo четврток и петок, Украина – главна тема, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Како и обично министрите за европски работи го подготвуваат мартовскиот Европски Совет, каде шефовите на држави и влади на ЕУ треба да се усогласат за политичките насоки за следните месеци, пред сѐ во одговорот на ЕУ на војната во Украина и руската агресија.
Енергетските санкции ќе бидат дел од разговорите, но мали се изгледите ЕУ да се одлучи за драстичен чекор во овој дел со оглед на големата зависност на бројните земји членки од рускиот гас, но и стравот од руски противмерки. Највеќе отпор за енергетски санкции пружа Германија, додека земјите од источна Европа сакаат порадикален став. Одлуки не се очекуваат ниту денеска.
Отворена е дискусијата за зајакнување на санкциите, многу сме јасни, ќе го зголемиме притисокот врз Русија ако е потребно, и ќе испратиме порака, за жал потребна, дека ако војната продолжи ќе ја зголемиме цената што треба да се плати, изјави Клеман Бон, државен секретар за европски прашања на Франција, и претседавач на денешниот министерски совет.
Финската министерка Тити Тирпилаинен рече дека не се исклучени енергетски санкции додека нејзиниот колега од Словачка изјави дека ќе се бара од ЕУ помош.
Се надевам на сеопфатна дискусија, да видиме што ќе значи RepowerEU за идната зима, и сѐ додека Словачка е една од најзависните држави од рускиот гас, многу е важно за нас да слушнеме како да ја прекинеме оваа зависност и да не ги финансираме руските воени дејствија, изјави словачкиот министер за надворешни работи, Мартин Клус.
Со оваа цел на маса денес, но и на самитот, ќе бидат механизмите за заштита на европските потрошувачи.
Францускиот државен секретар порача дека се разгледуваат повеќе опции за подобра интеграција на пазарот на енергијата и на контрола на цените. Меѓу опциите се заедничко купување на ниво на ЕУ, обврска да се прават доволни залихи, диверзификација на изворите на енергија и поголема поврзаност помеѓу земјите.
Не постојат многу алатки на европско ниво за контрола на цените, но сега има освестување дека ова е потребно, изјави Бон, и нагласи дека во последните години во ЕУ се ослабнати бројни регулации на пазарот кои имаа за цел да го заштитат потрошувачот. Ова, рече тој, ќе биде дел од денешните разговори.
Министрите ќе разговараат и за цените на прехранбените производи, бидејќи на континентот и на целиот свет им се заканува криза без преседан во овој дел. Ќе се бараат начини и да се поддржат украинските фармери да продолжат да работат и да испорачуваат доволно житарици.
Неколку земји членки ќе бараат и силен знак на поддршка за идното членство на Украина во ЕУ, за да се охрабри украинското население, изјавија повеќе министри од источноевропските земји. На маса се и разговорите за солидарноста во споделувањето на миграцискиот товар откако милиони Украинци почнаа да бегаат од војната.
Клеман Бон рече дека за сега нема барање за воведување на постојан механизам за распределување на бегалците од ниту една држава, но дека не е исклучено да се отвори темата.
OhridNews