Осум илјади невработени лица ќе добијат помош за да ја подобрат својата конкуреност на пазарот на труд и да најдат работа преку проект финансиран од Европската унија. Грантот за реализација на првата фаза од овој проект е 1,3 милиони евра, а договорот го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и евроамбасадорот Ерван Фуере.

Проектот е наменет за најкритичните групи на пазарот на труд, односно невработени лица до 27 години, невработени жени и долгорочно невработени лица. Предвидени се посебни програми за секоја категорија. Практиканство за млади луѓе до 27 години, што би помогнало при првото вработување, обуки за општи вештини за подобрување на конкурентноста на невработените на пазарот на труд и обуки за специјални вештини, односно преквалификации за оние кои се долгорочно невработени.


Првата фаза ќе трае 15 месеци и ќе треба да ги подобри можностите за прво вработување на 512 млади луѓе кои го завршиле образованието, на 6.600 невработени преку обуки да им ги подобри можностите на пазарот на труд, а  820 лица кои се повеќе години невработени да бидат преквалификувани. Ќе бидат опфатени невработени лица од сите региони во Македонија. Заинтересираните корисници ќе може да се јават на јавен оглас. Проектот ќе се спроведува преку Агенцијата за вработување.

OhridNews