Германската канцеларка Ангела Меркел им донесе огромно разочарување на земјите од Западен Балкан со тоа што ги убеди другите членки на ЕУ после приемот на Хрватска Унијата да се откаже од ширењето на ЕУ на исток, пишува хрватскиот неделник „Национал“, пренесува „Макфакс“.

Германската канцеларка уште во март 2009 година одлучи дека, по Хрватска, повеќе никој нема да биде примен во членството на Унијата, а до сега се покажа дека е непоколеблива во таа своја одлука. Меркел својот резолутен став му го наметнала и на остатокот на Унијата: влегува уште Хрватска, но по неа никој повеќе. Сите држави кои претендираат на членство во Унијата деновиве биле дипломатски известени за оваа наводна одлука на Унијата.

Одборот на постојаните претставници на Советот на Европската унија (ЦОРЕПЕР) минатиот петок одлучил на Хрватска да и се дозволи да ги отвори трите преостанати поглавја во преговорите со ЕУ, но Советот одбил да расправа за барањето на Србија да добие статус на кандидат за членство.

OhridNews
извор: „Макфакс“