Граѓаните на Македонија од денеска ќе можат да патуваат без визи во земјите членки на шенгенската зона. Со заедничко кревање на рампата на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево, претседателите на Македонија и на Бугарија Ѓорге Иванов и Георги Прванов, на симбиоличен начин изутринава го означија стартот на визната либерализација за македонските граѓани.

Поздравувајќи ја одлуката за укинување на визниот режим, претседателот Ѓорѓе Иванов истакна дека со паѓањето шенгенскиот ѕид се уриваат бариерите, но и менталните рампи.

– Со ова младите луѓе ќе можат да го живеат европскиот дух, да ги почуствуваат европските вредности, да создаваат европски критериуми, и иднина за следните поколенија во која ќе заборавиме на трауматичното минато, на она што не оптоварувало што приднесувало да има отворени некои прашања и да постојат некои разлики, изјавил претседателот Иванов.

Бугарскиот претседател Прванов истакна дека со укинувањето на визите се отвора можност македоснките граѓани почесто да се гледаат со своите роднини или пријатели во Бугарија, а бизнисмените, спортистите, културните работници да патуваат и комуницираат слободно.Бугарија не е дел од шенген-системот, но ги применува неговите правила.

Без визи ќе можат да патуваат само граѓаните кои имаат биометриски пасоши, додека на лицата со стари пасоши и натаму ќе им треба шенген виза за влез во земјите од ЕУ. Безвизниот режим се однесува на кус престој, до 90 дена во шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година. За подолг престој во ЕУ ќе биде потребна виза од типот „Д“.

Граѓаните на Македонија без виза единствено нема да можат да патуваат во Велика Британија и Ирска.

Ohridnews