Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, објави дека е откажан самитот на Европската унија кој требаше да се одржи вечерта, посветен на кризата во Грција, а групата на министрите за финансии на 19-те членки на еврозоната продолжуваат да преговараат за можниот финансиски спас на Грција.

Малку претходно, потпретседателот на Европската комисија задолжен за еврото и финансиски работи, Валдис Домбровскиск, изјави дека ЕК оценува дека „изгледите се многу мали“ да се одобри третиот план за финансиското спасување на Грција од банкротот, на која ѝ се заканува излегување од еврозоната. Или, како што објавија дел од германските медиуми, ѝ се нуди барем привремено излегување од еврозоната.

Денес утрото министрите за финансии на еврозоната продолжија со состанокот кој го прекинаа во саботата околу полноќ, по девет часови разговори кои не дадоа резултат.

Еврогрупата се состана на посебен состанок за да го разгледа барањето на грчката влада за трет пакет меѓународна финансиска помош. Меѓутоа, околу тоа, како што оценуваат агенциите, очигледно нема согласност меѓу членките, а една од главните пречки е загубената доверба, на грчката владата кај партнерите од еврозоната. Солиден дел од членките на европската монетарна унија истакнуваат дека немаат никакви гаранции од Грција дека ќе ги спроведе реформите кои ги вети, а особено е тврд ставот на Германија по ова прашање.

Како што беше наведено во германските медиуми кои се повикаа на интерен документ на германското министерство за финансии, Германија бара од Грција значително да ја подобри својата реформска програма или на пет години да ја напушти еврозоната и да го реструктуира својот долг.

Втората можна пречка може да биде најавата на парламентот на Финска дека ќе ја блокира третата програма за финансиска помош на Грција.

Грција побара нова програма за помош од 53,5 милијарди евра во следните три години, а за возврат ветува реформи до средината на 2018 година со кои ќе донесе 13 милијарди евра заштеда, со комбинација на зголемување на даноците и намалување на социјалните давачки.

OhridNews

извор Макфакс